Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

 

ТАЛАТ ЏАФЕРИ 


Талат Џафери е роден на 15 април 1962 година во село Форино, Гостивар, Република Северна Македонија. Во Чегране, Гостивар го завршува основното образование во ООУ „Përparimi“. Со завршувањето на основното образование се определува за својата идна професија и во 1977 година се запишува во средното училиште во Гостивар, за во 1987 година, откако со голем успех ги поминува приемните испити во Воената гимназија во Белград, да го продолжи своето образование во таму. Во 1981 година, се запишува на Воената академија на копнената војска - насока пешадија, и наставата ја следи во Белград и Сараево. Дипломира во предвидениот рок и се стекнува со чинот потпоручник. Од 1996 до 1998 година се посветува на постдипломските студии, со специјализација за командни и штабни должности на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски” во Скопје, додека во 2013 година, се стекнува со титулата магистер, по успешната одбрана на тезата на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје. 

Кариерата во армијата ја започнува во 1985 година, првин во Југословенската народна армија (ЈНА), а по осамостојувањето на државата, односно од 1992 е активен офицер во Армијата на Република Македонија (АРМ) до 2001 година. 

Во 2001 година се приклучува на Ослободителната народна армија (ОНА).

Својата политичка кариера ја започнува во 2002 година, кога се кандидира за пратеник во Собранието од редовите на политичката партија Демократска унија за интеграција. Истата година избран е за пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на ДУИ, а својот мандат го завршува на  24.12.2004 година, кога е именуван за заменик – министер за одбрана, на која функција бил до 2006 година. 

Во 2008 година, повторно е избран за пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, и во текот на својот активен мандат како пратеник бил член на: Советот на Собранискиот канал, Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за финансирање и буџет, заменик член на: Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Овој мандат на Џафери е одбележен и со бројни меѓународни активности во својство на претседател на Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (НАТО), во чија организација се реализираше Рос-Рот Семинарот на Парламентарното Собрание на НАТО во Скопје. Преку пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Австрија, Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Босна и Херцеговина во улога на член, Џафери имал активно учество и во билатералната соработка на Собранието со соодветните парламенти. 

Во 2011 година, повторно е избран за пратеник во Собранието. Во текот на овој мандат Џафери го сврти на себе вниманието на јавноста, кога со држење на маратонски говори, го блокираше усвојувањето на тогаш спорниот Закон за бранители. Користејќи ги процедуралните можности, истраја во намерата да го одбрани својот став и ставот на партијата и практично го воведе филибастерингот во Собранието. Мандатот на пратеник му завршува на 18 февруари 2013 година, кога е именуван за министер за одбрана. Во изјава за медиумите при примопредавањето на функцијата министер за одбрана, Џафери изјави дека негова цел ќе биде „вооружените сили да станат симбол на соживот, толеранција и почитување на разликите“.
Во 2016 година, по петти пат е избран за пратеник во Собранието, а во 2017 година е избран за Претседател на Собранието на Република Северна Македонија. На 21 август 2020 година, во неговиот шести мандат како пратеник, повторно ја добива довербата од мнозинството пратеници на Собранието и е избран за Претседател на законодавниот дом. 

Во тековниот мандат, Џафери е претседател на Комисијата за уставни прашања, шеф на Делегацијата на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ), шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС ПСЈИЕ). 

Џафери го застапува ставот дека, „секој пратеник треба да ги исполни очекувањата и да ја оправда довербата која му ја дале гласачите“, оттука, во текот на мандатот активно учествува во работата на Комитетот за односи меѓу заедниците, Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за уставни прашања како претседател, Законодавно-правната комисија, Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Претседателот на Република Македонија, Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за финансирање и буџет, Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана, Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Комисијата за уставни прашања, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Пратеничката група на Собранието за соработка со Собранието на Република Косово, Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Австрија, Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на Балтичките земји: Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија, Пратеничката група на Собранието за соработка со Саборот на Република Хрватска,  Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Чешката Република. 

Талат Џафери говори албански, македонски, српски, хрватски и англиски јазик. Оженет е со г-ѓа Мереме Џафери, татко е на Барлет и Бесијана и горд дедо на Фрашер и Ајола. 

Активности во Собранието:

  • Комисија за уставни прашања, претседател
  • Делегација на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ), шеф на Делегација
  • Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС ПСЈИЕ), шеф на Делегација 


Претходни активности во Собранието
:

  • Координатор на Пратеничка група на ДУИ
  • Комитет за односи меѓу заедниците, член
  • Национален совет за евроинтеграции, заменик-член
  • Комисија за уставни прашања, претседател
  • Законодавно-правна комисија, член 
  • Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија, член
  • Комисија за одбрана и безбедност, член
  • Комисија за финансирање и буџет, член
  • Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, член
  • Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана, член
  • Комисија за надзор над работата на Управата за Безбедност и Контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, заменик-член
  • Комисија за прашања на изборите и именувањата, заменик-член
  • Комисија за уставни прашања, заменик-член 
  • Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, заменик- член
  • Делегација на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ), шеф на Делегација
  • Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС ПСЈИЕ), шеф на Делегација
  • Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација, со статус на придружна делегација (ПС НАТО), шеф на делегација
  • Делегација во Интерпарламентарната унија (ИПУ), член
  • Пратеничка група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Косово, претседател
  • Пратеничка група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Австрија, член
  • Пратеничка група на Собранието за соработка со парламентите на Балтичките земји: Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија, член
  • Пратеничка група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска, член
  • Пратеничка група на Собранието за соработка со Парламентот на Чешката Република, член


Претходно искуство

  • 2016 Пратеник, член на ДУИ 
  • 2014-2016 Пратеник, член на ДУИ 
  • 2013-2014 Министер за одбрана 
  • 2011-2013 Пратеник, член на ДУИ 
  • 2008-2011 Пратеник, член на ДУИ 
  • 2004-2006 Заменик-министер за одбрана 
  • 2002-2004 Пратеник, член на ДУИ 
  • 1992-2001 Офицер во АРМ
  • 1985-1991 Офицер во ЈНА


Образование
:

  • 2013 -  Магистер по одбрана
  • 1996 - 1998 Постдиопломски студии - Специјализација за Командни и Штабни должности на Воена Академија “Генерал Михајло Апостолски”- Скопје
  • 1981 - 1985 Воена Академија на Копнена Војска - Смер Пешадија, Белград и Сараево
  • 1977 - 1981 Средно образование: Воена Гимназија, Белград
  • 1969 - 1977 Основно образование: “Përparimi” Чегране, Гостивар

Е-пошта: pretsedatel@sobranie.mk
 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.