Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 23 септември 2019 година

Клубот на пратенички во борба против говорот на омраза

По повод неделата на женски права и родова еднаквост од 22 до 29 септември, Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија, со поддршка на УСАИД И Националниот демократски институт (НДИ), денеска одржаа Регионална Конференција на тема: Регионалната соработка во унапредувањето на родовата еднаквост/рамноправност и борбата против говорот на омраза.

На Конференцијата зедоа учество: Ѓулумсер Касапи, претседателка на Клубот на пратенички; Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности  на жените и мажите; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието; Крис Хеншоу, директор на НДИ; Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонско женско лоби; Франческа Бинда, претседателка на Бинда Консалтинг; пратеничката Снежана Ванчева-Калевска; пратеничките гостинки од Подгорица, Белград, Тирана, Сараево и Приштина; како и останати членови и пратенички на Клубот.

Во своето воведно обраќање, претседателката Касапи ја истакна улогата, заложбата и досегашните достигнувања на Клубот, кој брои вкупно 48 пратенички од различни политички партии и независни пратенички.

Во фокус на Конференцијата е говорот на омраза кон жените во општеството и жените во политиката, за кој треба да се реагира во овој момент, и да се искористат сите инструменти да се стави крај - посочи Касапи. 

Пратеничката Рангелова повика да се зборува за жените во еден глас, за сите жени воопшто, не само како жени политичарки. Таа сподели дека поради нееднаквата дистрибуција на моќ, сѐ уште се дискутира за женското прашање, затоа е битно економското јакнење на жената  и надминување на негативната стереотипизација на жените во политиката.

Генералната секретарка Иванова истакна дека ова прашање е актуелно не само кај нас, туку и во целиот свет, говорот на омраза не е само повреда на одредени права, тоа го повредува и целото општество, сите односи. Ако претходниот век беше на борба за слобода на говорот, овој нека биде против говорот на омраза -повика Иванова.

Споделувајќи искуства и практики од европските земји каде жените се носители на високи функции, Крис Хеншоу повика да се собереме и направиме промени на Балканот, каде ни претстои долг пат. Притоа, посака денешните дискусии на Конференцијата да се плодни, но и моќни. 

Заклучоците од денешната Конференција да бидат во две насоки: Првата насока е да се направи Ревизија на досегашната легислатива, како и да се разгледаат можностите за нејзино зајакнување, додека втората насока е во однос на Имплементација на легислативата и инструменти за нејзино почитување - апелираше пратеничката Снежана Ванчева-Калевска. Таа посочи дека неопходно е да се направи Стратегија и 2020 година да биде година на сеопфатна борба против говорот на омраза на жените во политиката. 

Говорот на омраза е орудие за напад во мирно општество, тој започна тука во Собранието, се пренесе преку медиумите и треба тука да заврши со говорниците - рече Даниела Димитриевска.

Франческа Бинда апелираше дека панел-дискусиите мора да бидат еднакви, не се прифатливи дискусии во кои е присутен само еден род.

На Регионалната конференцијата во попладневната сесија панелистите имаа можност да дебатираат на две панел-дискусии:

  1. Регионалната соработка во областа на унапредување на родовата еднаквост, на која модератор беше Лилјана Поповска; и 
  2. Борба против говорот на омраза против жените во политиката, модерирана од страна на Мирсада Емини-Асани.

Соговорниците констатираа дека наспроти солидната правна рамка во државава која го третира прашањето на говорот на омраза согласно ЕУ стандарди, сѐ уште сме сведоци дека нема процесуирано ниту една правосилна одлука, освен мал број на пријави од страна на невладините организации, Министерството за внатрешни работи и приватни лица.

Клубот на пратенички изминатиот период осуди говор на омраза кон жените во политиката упатен од носител на политичкa функција, како и говор на омраза на социјалните медиуми кон пратеничка во политичка партија.

На крајот од Конференцијата, Клубот ги усвои следниве Заклучоци:

  1. Формирање на Балканска мрежа на парламентарки за родова еднаквост;
  2. Писмено обраќање до идниот Комесар за проширување на ЕУ за побрз процес на евроинтеграција на земјите од западен Балкан , во интерес на мирот и стабилноста на регионот, благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните на нашите земји;
  3. Разгледување и подобрување на законската регулатива, како и следење на имплементацијата на истата за казнивост на говорот на омраза со употреба на инструменти за институциоанлна реакција;
  4. Медиумска соработка за активна медиумска промоција на темите од интерес на жените и од аспект на родова рамноправност;
  5. Регионален дијалог со политичарки, медиуми и невладини организации;
  6. Едукација за родова рамноправност преку образовниот систем, но и преку неформално образование.
 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.