Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 25 ноември 2019 година

Клубот на пратенички се приклучува и ја поддржува глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“

Клубот на пратенички, во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, денеска одржа панел-дискусија на тема: „Предлог-модел за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство”, во Хотелот „Холидеј Ин“.

Со овој настан се одбележа 25 Ноември - Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените. Овој ден, всушност, го означува и почетокот на глобалната кампања „16 дена на активизам за спречување на насилството врз жени и девојчиња“, која ќе трае до 10 декември, Светскиот  ден на човековите права.

Во своето воведно обраќање, претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, посочи дека Клубот континуирано вложува напори преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жените, а  со овој настан се приклучува и ја поддржува глобалната кампања „16 дена активизам” како можност сите напори да станат повидливи. Таа истакна дека почетокот и крајот на кампањата која се организира за зголемување на свеста и преземање конкретни мерки за прекинување на насилството врз жените и девојчињата, не се одбрани случајно, туку со цел да се направи поврзување помеѓу насилството врз жените и девојчињата и кршењето на човековите права. Токму насилството врз жените е едно од најраспространетите, и воедно најмалку препознаените, прекршувања на човековите права, од кое во светски рамки страда секоја трета жена.

Понатамошниот тек на панел-дискусијата се одвиваше во два дела. Во првиот дел извршната директорка на Националната мрежа против насилството, Елена Димушевска, го претстави Предлог-моделот за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство, а експертката Ана Аврамовска-Нушкова ги презентираше наодите од Анализта „Економски предизвици со кои се соочуваат жените жртви на семејно насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина”.

Во вториот дел од панелот се говореше за  законските можности за усвојување и инкорпорирање на Предлог-моделот за реинтеграција и рехабилитација во националното законодавство од страна на пратеничките: Снежана Калеска-Ванчева, Благица Ласовска, Јулијана Николова и Маја Морачанин. Кон диксусијата со свое видување се приклучија и пратеничките Весна Дамчевска-Илиевска и Лилјана Поповска.

На Панел-дискусијата беше увидена потребата  од дополнување на веќе постоечката законска регулатива, но и неопходноста од надзор при нејзиното применување, како и редефинирање на одделни сегменти. Беше потенцирана и важноста на динамиката на исполнување на националниот акциски план за спроведување на Инстанбулската конвенција како сеопфатен документ кој прв го карактеризира насилството врз жените како кршење на човековите права, каде централно се предвидени активности на промена на законодавството со цел преточување на стандардите на Конвенцијата во пракса. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.