Pratenichki sostav
 
LEGJISLATURA E DEPUTETËVE

Петок, 24 септември 2021, Будимпешта, Унгарија

Обраќање на претседателот Џафери на 10. состанок на спикери на парламенти од земјите од Југоисточна Европа за проширувањето

„Можностите на земјите од Југоисточна Европа и нивниот придонес кон градењето на иднината на Европа”

Почитуван Претседател на Националното Собрание на Унгарија, г. Ковер,
Почитуван Претседател на Владата на Унгарија, г. Орбан,
Почитуван Еврокомесар за соседски политики и проширување, г Вархеји,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Дозволете на самиот почеток да изразам благодарност за традиционалното одржување на овој настан на највисоко парламентарно ниво во организација на Унгарското национално собрание и Претседателот Лазло Ковер, што е уште еден доказ за заложбите на Република Унгарија во изминатите децении за наше забрзано и целосно европско и евроатланско интегрирање. Тоа е наш заеднички интерес доколку се има предвид фактот што се потенцира во повеќе наврати од страна на високи европски политичари, односно дека, доколку Унијата сака поголема стабилност во своето соседство, тогаш потребна е кредибилна европска перспектива за Западен Балкан, заснована на систем на заслуги. Меѓутоа, морам да истакнам дека таа перспектива ризикува да стане заморна и неатрактивна за нас како земји кандидати доколку потфрли и не ги испочитува темелните вредности врз кои е градена Европската Унија кои во прв план го ставаат просперитетот, мирот и безбедноста на сите граѓани на континентот.

Неодамна во Република Северна Македонија беа во посета француски сенатори и во овој контекст, во разговорите со нив предочив на актуелната ситуација на терен, односно, паралелно со високиот процент на граѓани кои се за влез во Европската Унија и непоколебливиот политички консензус, имаме сразмерно високо разочарување затоа што секое ново шестмесечно одлагање на почетокот на преговори, нам ни ги скратува можностите да напредуваме во тие преговори и да работиме уште помотивирано на европската агенда. Франција, како иден претседавач со Советот на ЕУ, несомнено ќе ги поддржи нашите аспирации а ние секако сме тука да им помогнеме за проширувањето, не само да стане еден од приоритетите на француското претседавање, туку да биде фактичка реалност преточена во старт на првата меѓу-владина конференција со Европската унија. Проширувањето како гео-стратешка инвестиција носи долгорочни инвестиции за Унијата во повеќе аспекти, односно во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа претставува добар механизам за напредок и награди, што не мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи чиј краен резултат би требало да биде почетокот на преговорите, пристап до повеќе фондови и конечно полноправното членство во Унијата. Верувам дека како држави покажавме дека можеме да се носиме со предизвиците од процесот на интеграција и успешно да ги спроведуваме бараните реформи во предвидените рокови, со што потврдивме дека сме сериозни партнери во овој заеднички проект.

Почитувани колеги,

Република Северна Македонија постигна импресивен напредок на полето на спроведување на пакетот клучни реформи а со потпишувањето и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор покажавме дека можеме да послужиме како модел за внатрешна кохезија, унапредување и негување на меѓуетничките односи. Верувавме дека со потпишувањето на договорот со Бугарија и прифаќањето на сите предлози на претседателството на Европската Унија предложени минатата година, вклучително и предлогот од мај 2021 година, ќе го надминеме и спорот со Република Бугарија меѓутоа, за жал, одговорот од Бугарија е во сосема спротивна насока, комплетно го менува пристапот кон процесот, што е спротивно на напорите за зајакнување на довербата и непречениот политички дијалог. Се разбира, моменталната комплексна ситуација во Бугарија оневозможува наш поактивен дијалог, вклучително и на парламентарно ниво, каде како колеги пратеници би можеле поотворено и на пофлексибилен начин да разговараме и заеднички да придонесеме кон надминување на оваа состојба со изнаоѓање на компромис на отворените прашања.

Сепак, и покрај сите пречки, продолжуваме со реформскиот процес, за земјата, за нашите граѓани а и за задржување на веќе добиените високи оценки. Веќе дваесетина години сме активни во контекст на меѓусебната соработка во регионот на Југоисточна Европа и генерираните добри резултати потврдуваат дека како земји можеме успешно регионално да соработуваме и да доживуваме заеднички успеси, што е клучен предуслов и за нашата европска иднина. Јас сум убеден дека парламентарната дипломатија може да воспостави дијалог кој придонесува за мирот и безбедноста и игра суштинска улога во справувањето со глобалните предизвици и затоа сме активни во меѓународните собранија.

Почитувани колеги,

Во Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа од 2000 година, заеднички сме се обврзале безрезервно да се залагаме меѓу другото, и за почитување на принципите и нормите на Повелбата на Обединетите Нации, се надевам дека овие постулати ќе помогнат во решавањето на отворените прашања и на тој начин ќе придонесат за забрзување на процесот на евроинтеграции.

Ви благодарам на вниманието!

 
a

Na ndiqni në:

Ueb faqja e Kuvendi përdor biskotat (cookies).

Biskotat (cookies) përdoren për të përmirësuar përvojën Tuaj të përdoruesit.