Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 26 петок 2021

Средба на претседателот Џафери со претседателот Бечиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со претседателот на Собранието на Црнa Гора, Алекса Бечиќ, кој е дојден во земјава како учесник на Регионалната конференција „Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан”, во организација на Собранието на Република Северна Македонија и Здружението на новинари на Македонија, а се одржува во зградата на Собранието.

Претседателот Џафери на почетокот на средбата се заблагодари на Претседателот Бечиќ за прифаќањето на поканата за учество на Конференцијата, што е уште една потврда за одличната парламентарна соработка меѓу двата законодавни дома, и доказ за сериозниот пристап кон улогата на парламентите  во заштитата на слободното изразување и независноста на медиумите чие што присуството е од витално значење за функционална демократија и добро владеење. Во продолжение го информираше гостинот за актуелната ситуација  во земјава по локалните избори и по најавената оставка на Претседателот на Владата и за начинот како ќе се следи деловната постапка за избор на нова Влада за што побрзо нормализирање на функционалноста на институциите, особено имајќи предвид дека не очекува донесувањето на Буџетот на државата за 2022 година. Позитивна работа е што опозицијата најави конструктивност во донесувањето на Буџетот. 

Претседателот Џафери истакна дека покрај одличните политички односи на билатерален и мултилатерален план, неопходно е да се вложи повеќе напор  во интензивирањето на економската соработка и повторно го актуализираше активирањето на авионската линија Скопје-Подгорица-Сараево, како неопходен проект на поврзување на земјите.

Претседателот Бечиќ се заблагодари на поканата на Претседателот Џафери за учество на конференцијата и на самиот почеток изрази сочувство за трагичната автобуска несреќа на автопатот Струма изразувајќи жалење до семејствата и посакувајќи им брзо опоравување на повредените. Говореше за новиот парламентарен телевизиски сервис на Црна Гора, за кој се добитници на признанието „Скупштина граѓана“ од Европскиот парламент, што е во прилог на зголемената транспарентност, поголемиот надзор и овозможувањето на поголем простор за делување на опозицијата. Изрази поддршка на евроинтеграцискиот процес на земјава, информирајќи дека Црна Гора е длабоко навлезена во отворањето на поглавјата, и дека ја нудат сета помош на нашите институции во тој домен. Политиката на проширувањето на Европската Унија е од стратешки интерес и за земјите на Западен Балкан меѓутоа и за самата Унија и од суштинско значење е тој процес да се забрза.

На крајот, двајцата соговорници споделија уверување за натамошна конструктивна и интензивна соработка на сите полиња од заемен интерес.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.