Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 16 ноември 2021

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Сакр Ал-Гобаш

Во рамките на првата официјална посета на Обединетите Арапски Емирати на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, и делегацијата составена од пратениците Хусни Исмаили, претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, Дарко Каевски и Бедри Фазли, членови на Групата, денес се одржа средба со колегата и воедно домаќинот, Н.Е. Сакр Ал-Гобаш, Спикер на Федералниот Национален Совет на ОАЕ. На средбата присуствуваа и членовите на Парламентарната комисија за пријателство со парламентите од европските земји.

Спикерот Ал-Гобаш посака добредојде и истакна особено задоволство од можноста на непосреден начин да разговараат за важни прашања од билатералните односи. Информираше за Експо Дубаи 2020 и го оцени како голем настан за државата, но и глобално, бидејќи го враќа животот и надежта кај луѓето дека сме на крај на оваа пандемија. Исклучително му е драго за присуството на Република Северна Македонија со свој Павилјон, бидејќи државата има можност да ги презентира своите економски потенцијали, култура, историја. Ал-Гобаш изрази очекување дека во иднина ќе се зајакнат взаемните односи и врски на секој план и меѓу сите државни институции од двете земји.

И Претседателот Џафери изрази задоволство од првата заедничка средба, која коинцидира со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и посочи дека искрено очекува одличното ниво на дијалог, соработка, меѓусебно почитување и разбирање да продолжи со истата динамика и во иднина, што ќе резултира со корисна соработка во сите области од заеднички интерес, бидејќи ги поддржуваме истите заложби за мир и стабилност, регионално и глобално. Помошта од ОАЕ во справувањето со Ковид-19 пандемијата, како и поддршката на нашето учество на Експо 2020, се показател за пријателските врски и одржливи и стабилни релации.

Претседателот Џафери го запозна својот домаќин со актуелните предизвици на Република Северна Македонија на надворешно - политички план, очекувањето за почеток на преговорите со ЕУ и членството во НАТО. Истакна дека на внатрешен план во земјата се негуваат меѓуетничките односи и верската толеранција. Како членка на Глобалната алијанса против тероризам, нашата земја е посветена во борбата против ова зло, а сме заинтересирани да ги користиме и искуствата на Меѓународниот центар за борба против насилниот екстремизам „Хедаја“, чиј основач се ОАЕ.

Претседателот Ал-Гобаш упати јасни и недвосмислени пораки дека секое мешање во религиските прашања, кои мора да егзистираат одделно од државните политики, може да доведе само до нетрпеливости и конфликти. Затоа е потребно сите држави високо на агендата да ја стават верската толеранција, коегзистенцијата на различните културни и јазични особености, и да ја исклучат интерпретацијата на религиозните изразувања која води кон недоразбирања. При историската посета на ОАЕ на Папата Франциск, беше промовиран токму тој меѓурелигиски дијалог, и беше потпишан Договор со Големиот имам на ОАЕ со што се отворија нови поглавја што ќе носат само мир и благосостојба за сите луѓе, без разлика на религиската припадност.

Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници споделија идеи за плодна, конструктивна и интензивна парламентарна соработка преку Пратеничките групи за соработка и на ниво на комисии. Двајцата претседатели разговараа и за мирот и безбедноста на Блискиот исток и Арапскиот Залив, кој се рефлектира во целиот свет и кој е особено значаен за Израел и Палестина, за “Абрахамскиот договор” како клучна пресвртница во односите меѓу ОАЕ и Израел, потоа за последиците од авганистанската криза и справувањето со бегалците, како и за други актуелни надворешно - политички предизвици.

По завршувањето на оваа средба, следеше потпишување во Книгата на посетители и билатерална средба меѓу двајцата претседатели.

 

Видео


 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.