Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 30 ноември 2021

Средба на Претседателот Џафери со Н.Е. Феликс Корона

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Мексико во Република Северна Македонија, Н.Е. Карлос Исаурo Феликс Корона. Тој изрази задоволство за средбата, ја истакна досегашната успешна соработка со поранешните амбасадори на Мексико во земјава и му посака успешна работа и за време на мандатот на г. Корона. Ги констатираше пријателските односи меѓу двете земји, без отворени прашања и изрази надеж дека посакуваната динамика на средби на парламентарно ниво ќе добие на интензитет во иднина. 

Претседателот Џафери  говореше за актуелниот статус на земјава која што стана полноправна членка на НАТО во пандемиски услови, чин со кој се заокружи едната стратешка цел на земјата а во однос на втората стратешка цел, европските интеграции, го информираше соговорникот за исполнетите услови од наша страна, потврдени и во последниот извештај на Европската комисија и изрази надеж дека актуелната пречка на тој пат ќе биде отстранета и дека земјата конечно ќе ги започне преговорите за членство во Европската унија.  

Амбасадорот Феликс Корона исто така се согласи со констатацијата на Претседателот Џафери за добрите односи меѓу двете земји и искажа цврста волја да работи посветено на надминувањето на дефицитот на билатерални средби на сите парламентарни нивоа. Тој истакна дека во новиот Претставнички дом на Мексико ќе предложи да се формира Пратеничка група за соработка со Република Северна Македонија а посочи и на огромниот потенцијал од взаемната економска соработка на двете земји во иднина. 

Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорот искажа јасна и недвосмислена поддршка од Мексико за Република Северна Македонија и тоа на сите меѓународни собранија и организации како што се ИПУ, ООН во кои Мексико е значаен член и игра важна улога. 

Двајцата соговорници беа согласни дека досегашната добра соработка со мексиканската Амбасада ќе продолжи во насока на јакнење на меѓу-институционалната соработка, на полиња од взаемен интерес за двете земји.  

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.