Активности

Четврток, 14 октомври 2021 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. ВЕРОНИК УЛМАН МАРТИ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денешната средба со новата амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман Марти ја започна упатувајќи и честитки и посакувајќи и успех во извршување на новата должност и пријатен престој во нашата земја. 

Тој истакна дека двете земји ги поврзува искрено пријателство, засновано на соработка и меѓусебно почитување. „Во Швајцарската Конфедерација, потенцираше претседателот Џафери, Северна Македонија гледа голем и искрен сојузник во процесот на остварување на надворешнополитичките приоритети на земјата.“ Исто така, го поздрави трудот и посветеноста на Швајцарската Амбасада кој е претставник на Швајцарската Влада за Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, кој има за цел да обезбеди инклузивно и поефикасно функционирање на институцијата, односно целокупно институционално јакнење, унапредување на законодавната и надзорната функција и овозможување на соодветен пристап и транспарентност во работата на Собранието на Република Северна Македонија за граѓаните и граѓанските организации, особено маргинализираните групи, преку зајакната транспарентност и отчетност.

Претседателот Џафери искажа подготвеност и во иднина да ја поддржува парламентарната соработка на двете земји на сите нивоа, и во таа насока, упати возвратна покана до Претседателот на Сојузниот Парламент на Швајцарската Конфедерација, во взаемно прифатлив период и штом го овозможат тоа околностите и ситуацијата со Ковид 19.

Амбасадорката Улман, констатирајќи дека односите на двете земји се одлични, нагласи дека Република Северна Македонија стана еден од најважните партнери за соработка на Швајцарската Конфедерација а клучниот елемент во билатералните односи е Швајцарската програма за билатерална соработка. „Новата програма за соработка беше одобрена на почетокот на оваа година. Истата се фокусира на инклузивно демократско владеење, вработување и одржлив економски развој, како и на животната средина и одржливите јавни претпријатија“, додаде госпоѓа Улман Марти. Таа стави особен акцент на приоритетите во реформирањето на Собранието на Република Северна Македонија за да биде поефикасно, пофункционално, особено во однос со јавноста.

Соговорниците, имајќи предвид дека нема отворени прашања меѓу двете земји, изразија лично уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи во истата насока на зајакнување на взаемните односи. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.