Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 1 ноември 2019 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на промоцијата на Прирачникот за МХП за парламентарци, организирана од Црвениот крст на РСМ, на тема „Улогата на државата во промовирањето на Меѓународното хуманитарно право“

Почитуван генерален секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, г. Саити, 
Почитувани претставници од Меѓународниот Комитет на Црвен крст, г-ѓа Дојчиновиќ,
Почитувани колеги пратеници,
Дами и господа,

Дозволете да изразам задоволство што денес имам чест да се обратам во мое лично име и од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и да го поздравам овој несекојдневен настан на којшто ќе се промовира овој значаен прирачник. Сепак, најпрвин би сакал да искажам огромна почит кон мисијата и делото на Меѓународниот Црвен крст, како и кон домашниот, односно Црвениот крст на Република Северна Македонија. Како хуманитарна организација која има мисија да го спречи човековото страдање, да го заштити животот и здравјето на граѓаните и да ги промовира хуманите вредности и солидарното давање помош, особено во случаи на несреќи и катастрофи, се чувствувам исполнет што денес ќе дадам мал придонес во подигнувањето на свеста за ова право кај нас, парламентарците.

Денеска се одбележуваат 24 години од признавањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија како национално друштво на Црвениот крст од страна на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а во текот на месец ноември исто така ќе се обележат 24 години од станување полноправна членка на Меѓународната федерација на национални друштва на Црвениот крст и црвената полумесечина и, дозволете во тоа име да ви честитам. За активностите на Меѓународниот црвен крст низ постарата и поновата историја на земјата сме горе долу запознаени сите а секако меѓу нив се издвојува несебичниот ангажман за време на катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

Јас би сакал денес да го поздравам вложениот труд за преведувањето од страна на Црвениот крст на Република Северна Македонија, а секако претходно за изготвувањето на овој прирачник од страна на Меѓународниот Комитет на Црвен крст и Интерпарламентарната Унија, прво затоа што е наменет за нас парламентарците како  извор на информации а дополнително затоа што ќе ни помогне во наше понатамошно промовирање на овој значаен прирачник а јас во својство на претседател на Собранието стојам на располагање за соработка во доменот на моите надлежности и ги охрабрувам и пратениците да ги користат понудените алатки за време на надзорни и јавни расправи, разни иницијативи и проекти во насока на промоција на Меѓународното хуманитарно право како неопходна алатка за зачувување на хуманоста и во екот на најужасните воени конфликти, за да не се дозволи да надвладее оној ужасен феномен на исчезнување на човечкото во човекот. 

Почитувани колеги,

Република Северна Македонија е земја која во своето национално право ги има вградено, односно ги има ратификувано поголемиот дел од меѓународните договори и со самото тоа испраќа порака за степенот на почитување на Меѓународното хуманитарно право кое, како што често се нарекува „воено право“ или „право на воените конфликти“ за разлика од човековите права кои се применуваат секојдневно, а со кои имаат заеднички точки, се применува исклучиво при воени судири или конфликти откако веќе конфликтот започнал. Законот за Црвен крст во Собранието се донесе во 1994 година и со истиот се овозможи и работата и функционирањето на ова национално друштво а претходно, во 1993 година во Собранието се ратификуваа Женевските конвенции и Дополнителните протоколи кои меѓународното право ги смета за главни извори или темели на Меѓународното хуманитарно право. Женевската конвенција за подобрување на условите на повредените и болните во воени судири на копно имала за цел заштита и гаранција дека дури и во време на војна, мора да биде гарантиран одреден степен на хуманост а војната, знае да биде сурова и немилосрдна. Меѓународниот црвен крст е значаен чинител во прифаќањето, остварувањето и заштитата на системот за контрола на меѓународното хуманитарно право и всушност, инспирацијата што Анри Динан своевремено ја добил кога бил сведок на ужасите од битката кај Солферино, биле подоцна преточени во книга по која се развило ова значајно движење и организација.

Државата има обврска да го промовира Меѓународното хуманитарно право. Едукацијата и наоѓање нови начини за едукација на армијата, воените лица но и граѓаните генерално, особено младите е нешто на кое што државата мора да обрне внимание. Едукацијата е единствен начин на отворање на очите и проширување на свесноста и затоа мораме како држава, односно носители на власта да дејствуваме во насока на промовирање затоа што, донесувањето на правила во каков било облик и примената на истите не секогаш се во иста линија. Затоа, и концептот на Меѓународното хуманитарно право бара и постојано изнаоѓање на нови начини за промовирање и подигнување на свеста. Денес лесно стигнуваат до нас информации за настани од целиот свет, позитивни и негативни и како политичари и луѓе кои имаат можност и привилегија да бидат во центарот на медиумското внимание, треба да го искористиме тој простор за промоција или за подигнување на свесноста за ваквите важни прашања. Во исто време, да бидеме будни и во насока на контрола на спроведувањето на меѓународното хуманитарно право и сите други права се разбира затоа што, како што рекле поранешниот претседател на Швајцарската конфедерација Дидие Буркхалтер и претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст г. Петер Маурер, по повод 150 годишнината од првата Женевска конвенција, цитирам, „..Потребен е постојан ангажман, затоа што нема никаква гаранција дека со тек на време ќе исчезнат (воените конфликти). Право кое постојано се прекршува без да предизвика јасна реакција, веројатно со тек на време ќе ја изгуби својата важност. А последиците по жртвите од воените конфликти не оставаат простор да се размисли двапати за тоа...“ (крај на цитат).

Почитувани колеги, ви благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.