Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 16 декември 2019, Амфитеатар на Ректорат, Тетово

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената академија по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Универзитетот во Тетово

Почитуван ректор Ахмети,
Почитувани декани, професори, академици, 
Почитувани студенти, 
Почитувани гости, 
Дами и господа,

Сакам на почетокот на мојот поздравен збор да го честитам одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Државниот универзитет  во Тетово и да ви посакам уште многу јубилеи и величествени успеси во овој храм на образованието. Денес, имам чест и задоволство во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да изразам срдечни честитки пред аудиториумот на оваа Свечена академија што е најсоодветниот начин за одбележување на настани кои оставиле значаен траг  во историскиот и се разбира образовниот развој на минатите, актуелните и идните генерации на еден народ, на една држава. Се разбира дека секој универзитет има своја историја на основање, на раст, развој и позиционирање на заслуженото скалило и тоа секако е поврзано со тоа колку еден народ ја сфаќа и ја подржува важноста на храмот на знаењето. А Државниот универзитет во Тетово ги има сите, нели? Народ кој ја разбрал важноста на образувањето на мајчин јазик и за тоа издвојувал од својот залак леб, студенти со силна волја и жедни за знаење, и храбри луѓе кои не се двоумеле во ниту еден миг да го штитат ова право со своето тело и со својот живот. Почетокот бил невообичаен, некој би рекол дури и неприфатлив за времето кога бил зачетокот на истиот, затоа што правото на учење на мајчин јазик не смее никогаш да биде оспорувано. Меѓутоа, сепак тоа се случуваше пред 25 години и ниту ние, ниту денешните генерации, ниту идните генерации, не смееме да ја оставиме во заборав оваа пожртвуваност и оваа битка чии што резултат и плодови денес ги уживаат многуте генерации кои произлегле и ќе продолжат да излегуваат од овие универзитетски клупи.

Дами и господа,

Професори и љубители на просветата, почитувани предавачи на овој универзитет кој што се уште се вбројува меѓу младите светски универзитети, вашата задача не е воопшто лесна а секако не е ниту воопшто наивна. Напротив, покрај тоа што е исклучително благородна и може да се нарече родителска и да се стави на ниво речиси исто со улогата на мајката и семејството, над сѐ е одговорна и нејзините резултати се и видливи и мерливи. Сето тоа што ќе се инвестира во овие млади фиданки, во иднина ќе ни се врати како бумеранг кој или ќе биде преполн вредности и доблести, или пак ќе биде удар кој што ќе го потресе и сруши светот во кој што живееме. Затоа, да бидеме внимателни во однос на тоа колку и како ги подготвуваме нашите млади за справување со предизвиците и тешкотиите што ги очекуваат откако ќе излезат надвор од вратите на универзитетот. Да всадиме во нив благородни особености, волја за работа и чувство на заедништво, учејќи ги да веруваат, да се ослонат и соработуваат едни со други, со своите колеги од другите универзитети во државата и светот. Обединувањето на вашето знаење со енергијата и љубопитноста на младите студенти, може да донесе само успех и нови научни достигнувања, а се разбира, науката е таа што го движи моторот на понатамошниот напредок на светот. Меѓутоа, иако сум свесен дека бројот на новите уписи е одлучувачки за продолжувањето на животот на еден универзитет, јас би апелирал квалитетот а не квантитетот да биде вашиот патоказ, вистинскиот квалитет и сфаќањето на една вистина дека вие, вашата врата, треба да биде секогаш отворена за да им помогнете, да ги советувате и подржувате младите студенти.

Драги студенти,

Ви посакувам успех, ви посакувам волја и амбиции, немојте да ги ограничувате вашите хоризонти на љубопитност со „добро е“, или „доволно е“, туку, секогаш барајте уште малку повеќе, и повеќе затоа што, сиот успех или пораз на кој ќе наидете во животот, ќе биде заснован на трудот и ангажманот што сте го дале сега, додека сте на универзитетските клупи. Ова е местото каде вие се задојувате со знаење, местото каде што истражувате, анализирате, откривате нови светови, нови универзуми, немојте да се двоумите, немојте да се плашите од непознатото затоа што вие можете. Ние ја гледаме нашата иднина, иднината на државата меѓутоа и иднината на светот во вас. Светот доживува сега глобализација, знаете и самите колку блиску е и најдалечната негова точка, односно, колку едно кликање. Искористете ги предностите што ги нуди глобализацијата за добро, искористете ги за да ги обедините идеите, мислењата, вашата енергија за градење на вистински вредности, вредности кои ќе придонесат за унапредувањето на нашето општество, за развојот на нашата држава и пошироко, светот.

Почитувани присутни,

Иако универзитетите се автономни институции, со свои статути и правила, повторно, за обезбедување на нивната долговечност, воспоставен е триаголник кој што се состои од академскиот персонал, студентите и ставката во државниот буџет која што се разбира, секогаш може да биде повисока. Додека пак улогата на Собранието во овој триаголник, освен што е  значајна во постигнувањето на алокација на што повисоки средства за образованието, значајна е и во делот на законодавството во областа на образованието во сите нивоа. Истото треба да биде во согласност и прилагодено на потребите на современото време. За донесување на што подобри закони, и тука се разбира не мислам на убаво напишани закони туку, закони кои и на терен даваат подобри резултати, ние сме ги отвориле вратите за да го чуеме гласот на тие што и ги засегнуваат законите. Во Собранието е зголемен бројот на јавните дебати, надзорните расправи, се покануваат експерти од областа на образованието и отворени сме кон различните иницијативи за подобрување на законодавството. Тоа е тоа што можеме да го направиме за да создадеме поволни услови за нашата младина, за ширење на нивните крилја и проширувањето на нивните хоризонти, во исто време за создавање поволни услови за тие да сакаат да останат, да создаваат и да придонесуваат тука, во нивната татковина, развивајќи ја сопствената држава. Тие се нашата инвестиција во долговечноста, напредокот и создавањето на еден подобар, поразвиен свет, и во исто време подемократски и похуман свет за сите.

Почитани пријатели,

Сигурен сум дека Државниот универзитет во Тетово, има академски персонал, трудољубиви студенти кои заедно ќе произведат вредности и ќе дадат резултати кои ќе ја позиционираат образовната институција, себеси и целото општество на највисокиот пиедестал на академскиот свет.

И повторно, ви честитам и посакувам да одбележуваме уште многу успешни годишнини на Државниот универзитет во Тетово.

Благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.