Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Сабота, 21 декември 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Симпозиумот „Изгубените вредности на турската култура на Балканот и Источна Европа“

Почитуван претседател на Големото национално собрание на Република Турција, г. Шентоп,
Почитувани претседател на Матуситеб, г. Емин,
Почитувана екселенција Секизќок, 
Почитувани учесници во симпозиумот,
Дами и господа,

Имам чест и задоволство што во мое име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, имам можност да го поздравам отворањето на овој значаен симпозиум насловен „Изгубените вредности на турската култура на Балканот и во Источна Европа“, и да го поздравам присуството на високопочитуваниот претседател на Големото национално собрание на Република Турција, г. Шентоп, и би сакал да ја искористам оваа прилика и вам драг колега, меѓутоа и на сите присутни, и на нашите сограѓани припадници на турската заедница, да ви го честитам 21-ви декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија кој што е дел од празниците утврдени со Законот за празници во Република Северна Македонија а со кој се укажува почит на сите заедници кои се неделив дел од општественото ткиво на земјата. Сакам да нагласам дека богатството на мултиетничките општества е токму во богатството од јазици, култури, традиции и се разбира, вредности кои претставуваат идентитет и посебност на секоја заедница поодделно и се нејзин заштитен знак а во нашата земја, тоа се рефлектира на одличен начин.

Сепак, јас денес нема да зборувам за стручниот дел на темата, за тоа се тука уважените гости од академската заедница, јас ќе се задржам на моите надлежности како претседател на законодавниот дом на Република Северна Македонија. Сакам да потврдам нешто што сум го кажал многупати досега, уште од самиот почеток на стапувањето на функцијата претседател на Собранието дека мојот безрезервен ангажман во мојата работа ќе биде насочен кон парламентарната дипломатија преку воспоставување парламентарни односи и соработка таму каде што нема, кон заживување таму каде што се веќе воспоставени меѓутоа немаат некој значителен интензитет и кон продлабочување и издигнување на уште повисоко ниво таму каде што тие односи и соработка се на одлично ниво, како што се со огромна сигурност ќе кажам, помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално собрание на Република Турција односно, ги карактеризира  плодна соработка и тоа, како на билатерално ниво, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија каде што се членки двата законодавни дома и каде што Делегациите на Собранието на Република Северна Македонија редовно ги поддржуваат кандидатурите на турските пратеници за членови на извршните тела на тие собранија. Во мојата агенда, колку и да е таа збиена, секогаш се наоѓа простор, затоа што волја секогаш има а заморот не е никогаш оправдување, да учествувам, да воспоставувам директни контакти и да ја промовирам активноста на законодавниот дом во насока на градење на вистински дом на демократијата, заштитник на прифатените универзални права и слободи на човекот и граѓанинот, место каде што се слуша гласот на сите граѓани подеднакво, преку нивните претставници, без оглед на нивната етничка, верска, партиска, културна, социјална и полова припадност. Во таа насока е и денешната посета и средба со почитуваниот колега од Турција, а во иднина се надевам дека взаемните средби и посети на највисоко државно ниво ќе резултираат со договарање и склучување на уште стотина други  договори кои се неопходната законска рамка за непречено одвивање на политичките, економските и сите други односи, при што, со задоволство ќе констатирам дека за пријателските, роднински и сите односи помеѓу обични те граѓани на двете земји, не траба ништо да се додаде, односно, врските се толку силни, историски, традиционални и топли, што можат да послужат за пример за сите држави во регионот.

Почитувани,

Република Северна Македонија е силно посветена на евроатланската интеграција и на промоцијата и споделувањето на заедничките вредности и одговорности на НАТО, како негова 30-та земја-членка и на тој пат кој што набрзо ќе се круниса, сме имале безрезервна поддршка од сите земји членки и затоа, сакам да ја искористам оваа можност и присуството на колегата Шентоп и да изразам благодарност до турското Собрание за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, што е чин на искрена поддршка а покрај тоа, ќе биде продолжување на соработката во полето на одбраната.

Почитувани,

Бескрајни се можностите за взаемна поддршка и соработка кога се работи за традиционално искрени и добри пријателства засновани на вистински вредности и чиј мост на поврзување се граѓаните од двете земји, таквите релации можат да бидат само посилни и се разбира во корист на граѓаните.

Почитувани, ви благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.