Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 28 јануари 2020, Брисел

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан организирана од Европскиот парламент

Почитуван претседател на Европскиот парламент, г. Сасоли,
Почитуван претседател на Парламентот на Хрватска, г. Јандроковиќ,
Претседатели на Парламенти на Западен Балкан, 
Почитувани колеги,

Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да го поздравам почетокот на овој Самит кој што е на иницијатива на почитуваниот претседател Сасоли на кого најискрено му благодарам и чиј домаќин имав чест да бидам во нашиот законодавен дом пред месец и пол при неговата прва официјална посета надвор од Европската унија по преземањето на оваа одговорна функција, а по разочарувачката одлука на Европскиот совет за недоделување на датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Неговите зборови тогаш беа, цитирам „...не станува збор за застој бидејќи Европскиот совет не кажа „не“, туку ја одложи одлуката, односно наместо за историска грешка, зборуваме за историски застој и истакна дека, една можност е изгубена но ќе биде направено сè да се создаде нова можност“, а оваа иницијатива е поставувањето на основата за токму таквата можност, а конкретно денес, за развојот на стратегијата за улогата на парламентите во напредувањето на реформската агенда за ЕУ и во испорачувањето на конкретните мерки кои ги исполнуваат европските аспирации на граѓаните од регионот.

Дами и господа,

Верувам дека нема потреба да елаборирам за разочараноста на граѓаните на Република Северна Македонија бидејќи, оправдано очекувавме признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки кои ги донесе земјата за исполнување на предусловите за позитивна одлука. Очигледна беше и јавно искажаната разочараност на најголемиот број на земјите членки на Европската Унија, убедени дека земјата е подготвена да го почне пристапниот процес. Нарекувајќи го чинот на недоделување на датум на Северна Македонија и Албанија како стратешка грешка која има штетен ефект и на кредибилитетот на Европската унија ако се има предвид дека интегрирањето на земјите кои ги исполниле потребните предуслови и овозможува на ЕУ да ја задржи својата меѓународна улога и штитење на своите интереси, меѓутоа и на земјите кандидати бидејќи процесот на интегрирање всушност има ефект на трансформација на истите, се донесе Резолуцијата на Европскиот парламент за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со јасно искажана поддршка.

Пред две недели, во своја прва официјална посета надвор од Европската унија а во знак на почит кон нашата посветеност, во Северна Македонија беше и Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, г. Вархели кој што ја објасни новата методологија за процесот, која би ја претставил на крајот на месецот, со перспектива до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори пред Самитот ЕУ - Западен Балкан во Загреб во мај 2020. Посветеноста и сериозниот пристап на сите чинители кон ова прашање јасно ја потврдува взаемната поддршка, потреба и јасна визија и цел, односно интегрирање на регионот на Западен Балкан во европското семејство за доброто на регионот и Европската унија.

Почитувани колеги,

Несомнена е клучната улога на парламентите и зајакнувањето на парламентарната димензија на процесот на проширување и парламентарната демократија, на развојот на парламентарната култура заснована на градењето на консензус преку континуиран и инклузивен дијалог, бидејќи само така парламентите можат да бидат вистински и ефикасни двигатели на реформите. Собранието на Република Северна Македонија е целосно посветено на градење силен, функционален и независен законодавен дом, претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, кој што ќе може квалитетно и континуирано да ја извршува својата функција. Во тој контекст, можам да потврдам дека целите што ги поставивме заедно со претседателството уште на самиот почеток на новиот парламентарен состав, а тоа се независност од финансиски, административен и од аспект на обезбедувањето на законодавниот дом, полека се реализираат. Неодамна го донесовме Законот за Собрание со измени и дополнувања во делот на службата, а во тек е и процесот на отворање на Парламентарна буџетска канцеларија. Работиме посветено и за тоа од огромна важност се програмите за парламентарна поддршка и градење на капацитети кои се спроведуваат на локално и регионално ниво, како што е и Дијалогот Жан Моне кој што е инструмент развиен од Европскиот парламент како алатка на меката моќ во областа на парламентарната медијација и дијалог и е комплементарен на севкупните приоди за поддршка на демократијата во ЕУ. Досега се одржаа два Дијалога, сега на 31 јануари ќе се одржи третиот ЖМД во Собрание на кој што ќе се продолжи со работа и постигнување консензус за Деловникот и, посветеноста на сите страни на овој процес говори само по себе дека сите сакаме и придонесуваме за функционално Собрание, функционални институции и задоволни граѓани на европска држава со европски стандарди, услови и можности за живот на нашите граѓани и нашата младина.

Благодарам за јасно покажаната поддршка и верба дека сме на вистинскиот пат!

Благодарам на вниманието! 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.