Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 11 декември 2019

Обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувања, предизвици и приоритети“

Почитувани претставници на Владата,
Почитувани колеги пратеници,
Почитуван директор Груебер,
Почитувани претставници на судството, агенциите и академската јавност,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете на самиот почеток да се заблагодарам во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија на ДЦАФ - организаторот на оваа Конференција со наслов „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувањата, предизвиците и приоритетите“, што укажува на тоа дека се работи за континуитет, односно за процес којшто трае. А започнат е како резултат на нашите напори за полноправно членство во НАТО и ЕУ, во чии рамки реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и реформите на институциите кои секако имаат мандат да вршат надзор и контрола врз нив, се означени како исклучително значајни во насока на обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на јавноста во институциите на државата, при што Собранието, како законодавен дом а пред се како храм на демократијата и глас на граѓаните и заштитник на нивните права и слободи, е местото каде што сите потребни реформи, неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат  во законска рамка која ќе биде структурата околу која ќе се градат сите идни односи. Секако дека ДЦАФ кој што е посветен на тоа да државите и луѓето бидат побезбедни во рамките токму на тоа демократско владеење, владеење на законот и почитувањето на човековите права, ја препозна потребата од тоа и му понуди на Собранието стратешко партнерство со потпишување на Меморандум со кој ќе се спроведе проектот „Развој на парламентарен и независен надзор“ како дел од Програмата за реформа на разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија 2017-2020. Задоволен сум што можам да потврдам дека Проектот ја следи доследно предвидената динамика според Акцискиот план и досега, како што ви е познато, во Собранието беа донесени четири закони во однос на оваа област, односно Законот за следење на комуникациите, Законот за ОТА, Законот за Агенција за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија. Како резултат на имплементацијата на овие закони, веќе имаме функционална, независна Оперативно техничка агенција,  Агенција за национална безбедност и Совет за граѓански надзор. Ќе се задржам на Советот за граѓански надзор затоа што тоа е тело кое иако е надвор од Собранието, сепак во својата работа е тесно поврзано со Собранието, особено со Комисијата за следење на комуникациите и тие две тела заедно треба да утврдат за секоја поднесена претставка од граѓани кои се сомневаат дека им се следи комуникацијата, дали навистина имало прекршок или службите си ја вршат својата надлежност онака како што е пропишано со Закон и со прифатените меѓународни норми. Јас сум во постојан контакт со Советот и Комисијата и запознаен сум со предизвиците со кои се соочуваат и се надевам дека ќе се дефинираат и разјаснат работите за набрзо да ги имаме и првите плодови од нивната работа.

Почитувани,

Можам со сигурност да кажам дека Собранието, службите и секако претставниците од ДЦАФ сериозно се зафатија со проектот и потврда за тоа е и интензитетот на активности во минатата година и пол во насока на подготовката на членовите и службите на соодветните комисии во однос на тоа што значи парламентарен надзор и како да се врши на најефикасен начин. Конкретно, се одржаа преку дваесетина работилници на кои се правеа практички вежби во насока на постапка со класифицирани информации, документи и во однос на тоа да разузнавачките служби си ја вршат својата надлежност во насока на обезбедување на безбедноста на граѓаните меѓутоа, секогаш во рамките на законот и со почитување на правата, слободите и приватноста на граѓаните. Покрај работилниците, се реализираше и студиска посета во Словенија, каде членовите и службите на комисиите имаа можност да ја видат тамошната „Глува соба“  начинот како се користи и сходно на тоа, можам нескромно да потенцирам дека и ние веќе се подготвуваме да обезбедиме таква просторија во рамките на законодавниот дом, веќе се работи на нејзината подготовка и опремување за што се одвоени и финансии во Буџетот, секако и со несебичната помош на ДЦАФ и предвидувањата се дека во 2020 година, собата ќе биде функционална и корисна за целта за која и е наменета. Од полза секако е и претходниот Прирачник за „Насоки за надзор на разузнавањето“, кој што беше производ на соработката со собраниската служба а денешниот „Прирачник за спроведување на мерките за следење на комуникациите“, кој што е производ од и за практичарите од правосудството во рамките на ДЦАФ програмата, ќе биде дополнително збогатување на основата и рамките на кои се темелат реформите во разузнавачкиот сектор.

Дами и господа,

Јасно е, реформите не се лесни, ниту се омилени, меѓутоа, ние не смееме да застанеме, мораме да се движиме во чекор со времето и промените кои ги носи секој нов ден и секоја одмината етапа во нашето членство во НАТО и ЕУ. Завчера бев дел од делегацијата што слета на носачот на авиони „Хари С. Труман“ и можам да кажам дека чувството на гордост беше на највисокиот степен, ние сме дел од тој моќен сојуз, дел од капацитетите на НАТО, придонесуваме и ги ползуваме придобивките од таа безбедност. Секако дека треба да бидеме подготвени за тоа.

Почитувани колеги и пријатели,

Секако, реформите не подразбираат само носење на закони туку и надзор врз нивната имплементација и јас верувам дека идните предизвици на кои ќе се насочиме ќе бидат реалното согледување на ефектите од нивната имплементација на терен и секако измената или надградбата на истите доколку за тоа се појави реална потреба. Се разбира дека надзорната улога на Собранието како претставнички дом на граѓаните ќе биде ставена на вистинското место каде што и треба да биде по Устав.

Ви благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.