Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Вторник, 26 јули 2016 година

Проштална средба на претседателот Вељаноски со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денес на проштална средба го прими евроамбасадорот, г. Аиво Орав на која соговорниците изразија задоволство од одличната меѓусебна соработка за време на мандатот на амбасадорот во Република Македонија. Претседателот Вељаноски се заблагодари за постојаната поддршка која Собранието ја добива од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија. Соговорниците изразија надеж дека соработката ќе продолжи да се одвива на исклучително високо ниво и понатака, со взаемно разбирање и пријателство. 

На средбата стана збор за актуелните случувања во Република Македонија во кои меѓународната заедница има активна улога во изнаоѓањето на решенија за надминување на недоразбирањата на политички план. Претседателот Вељаноски истакна дека се надева на што поскоро и конечно решавање на политичката криза во Република Македонија и притоа истакна дека ќе направи се што е во негова надлежност да се реализираат активностите кои произлегуваат од последниот договор помеѓу политичките партии. 

Амбасадорот Орав истакна дека се надева на брза имплементација на договореното со цел Република Македонија да се посвети на евроатланската интеграција и поскоро да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Тој посочи дека со оглед на сите предизвици со кои се соочува Европа, како што се миграциската криза и терористичките напади, за Европската унија е важно да ја има Република Македонија како стабилен партнер. 

На крајот на средбата, претседателот Вељаноски му посака успешна работа на амбасадорот Орав во неговиот иден ангажман и ја потенцираше отвореноста на Собранието за соработка и за континуирана комуникација со Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.