Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 5 декември 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Владата на Унгарија, г. Виктор Орбан

Претседателот Вељаноски изрази задоволство за одлично поставените односи на парламентарно ниво во сите сегменти, одличниот интензитет на средби и соработка меѓу претседателите на парламентите, на пратеничките групи за соработка и на комисиите. Тој изрази благодараност што Унгарија го користи нашето уставно име во билатералната комуникација, истакнувајќи го истото како особено значајно за Република Македонија. Го запозна соговорникот со актуелната политичка состојба, со спроведените реформи и направените постигнувања на патот на евроинтегрирањето, позитивните извештаи од Европската комисија и препораките.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека Република Македонија особено ја цени принципиелната политика на Унгарија во поглед на поддршката на интегрирањето на целиот Балкан во Европската унија, како и поддршката кон земјите кои ги исполниле потребните критериуми за членство во НАТО, потенцирајќи го интегрирањето како особено значајно пред сè за стабилноста на регионот и Европа.

Претседателот на Владата на Унгарија, г. Орбан се заблагодари за можноста да се оствари средбата и изрази задоволство од добро развиените и пријателски односи меѓу двете држави. Посочи дека фактот што сите релевантни светски институции изборите во Република Македонија ги оценуваат за слободни и фер на Парламентот му дава клучно место во државата која е европска и демократска. Тој истакна дека Унгарија и Република Македонија имаат долга поврзаност, историска судбина, што е значајно и што влијае на политиката, влијае Унгарија да ги разбере потешкотиите на Република Македонија.

Тој изрази задоволство во однос на развојот на економските односи, посочи дека се запознаени со актуелните економски параметри на Република Македонија, дека треба да се честита за постигнатите економски резулати кои се значајни и истакнати и во европски рамки, и кои укажуваат на политичка и економска стабилност на државата.

Господин Орбан се осврна и на промените во центарот, јадрото на главниот град, кои можел да ги увиди од неговото последо престојување во Скопје и за кои смета дека треба да се честита.

Во однос на интегрирањето на Република Македонија во европското семејство тој посочи дека ставот на Унгарија по ова прашање е јасен, Европската унија има потреба Република Македонија да стане нејзин член, дека Европската унија има одредени проблеми и дека заради справување со нив е потребно да го промени концептот, на Балканот е потребно да се гледа не како на проблем, туку како на можност.

Господин Орбан посочи дека се запознаени со спорот кој го имаме со јужниот сосед, дека не е правилно тој да се постави како услов и дека тој е против политиката ова прашање да биде проблем кој ќе го спречува интегрирањето во Европската унија. Тој воедно потенцираше и дека токму тој бил првиот што го изнел овој став во Европската унија и дека добил поддршка од повеќе истомисленици.

Во однос на атлантското интегрирање, г. Орбан истакна дека Унгарија посакува да биде на масата на која Република Македонија ќе го потпише членството во НАТО и дека секој чекор што се прави во насока на интегрирање и учество во структурата на Алијансата е правилен чекор.

Претседателот на унгарската Влада изрази задоволство што двете држави ќе потпишат Спогодба за соработка во образованието, односно за доделување на 20 стипендии од Унгарија на македонски студенти и посочи дека посакува можност и унгарски студенти да дојдат во Република Македонија на студии.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.