Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 2 декември 2013 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ИЗВЕСТИТЕЛОТ НА МОНИТОРИНГ КОМИСИЈАТА НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. РОБЕРТ ВАЛТЕР

Двајцата соговорници изразија задоволство што повторно имаат можност да се сретнат и да разговараат за актуелните случувања и напредокот на Република Македонија. Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази задоволство од досегашното испoлнување на обврските и заложбите кон Советот на Европа. Тој дополни дека, од страна на Собранието на Република Македонија високо се ценат препораките на Советот на Европа, и преку нивното имплементирање, како и преку реформите кои ги прави Република Македонија се придонесува за поголем демократски напредок и економски развој.

На средбата се разговараше и за неодамнешната препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите на Република Македонија за членство во Европската унија, како и за спроведените реформи на тој пат. Претседателот  Вељаноски истакна дека интеграцијата во Европската унија и НАТО останува приоритет за Република Македонија, меѓутоа приоритет над приоритетите се реформите во економската сфера кои ќе донесат бенефит пред се за граѓаните на Република Македонија. Во однос на состојбите во Собранието на Република Македонија, претседателот Вељаноски го информираше известителот Валтер дека очекува Буџетот на Република Македонија за 2014 година да биде донесен на седница која ќе биде закажана за средината на декември и при тоа очекува нормален тек на редовното работење на Собранието.

Исто така, претседателот Вељаноски информираше дека во рамките на Собранието на Република Македонија е формирана Работна група за имплементација на препораките од Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието од 24.12.2012 година. Иако работата на таа работна група е блокирана поради напуштање на членовите од опозицијата, сепак претседателот изрази надеж дека сите закони, подзаконски акти, измени на Деловникот на Собранието и други акти ќе бидат донесени во првата половина од 2014 година.

Известителот Валтер, ја искористи можноста да и честита на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа за успешната соработка и придонес во рамките на работата на Парламентарното Собрание.

Претседателот Вељаноски истакна дека како претседател на македонското Собрание секогаш дава поддршка на работата на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

На крајот на средбата двајцата соговорници изразија надеж дека добрата соработка ќе продолжи и дека Република Македонија во блиска иднина ќе го заврши пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.