Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Среда, 27 ноември 2013 година, Кралството Шпанија

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Сенатот на Парламентот на Кралството Шпанија, г. Пио Гарсиа Ескудеро

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска се сретна со претседателот на Сенатот на Парламентот на Кралството Шпанија, г. Пио Гарсиа Ескудеро. Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и можноста да се допринесе кон унапредување кон севкупните односи на двете држави.

Претседателот Вељаноски изрази убедување дека парламентарната дипломатија сè повеќе го зазема своето место и дека ваквите средби допринесуваат кон тоа. Тој воедно, истакна дека за Република Македонија е значајни мислењето и ставот на Кралството Шпанија за случувањата и процесите во Европската унија. Го запозна соговорникот со посветеноста на Република Македонија на патот на еворпското интегрирање и посветеноста кон членство во НАТО алијансата, при што изрази убеденост дека и двете членства наскоро ќе се случат, за доброто на Македонија, за регионот, но и за Европа.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека актуелната Влада, која ја добива довербата на граѓаните од 2006 година, во сите изборни циклуси е силно ангажирана во спроведување на реформите и привлекувањето на странските инвестиции и дека за Република Македонија е многу значајно при влезот во европското семејство да биде компатибилна со законодавството на заедницата, но и со закономерностите кои важат во бизнис заедницата.

Претседателот на Сенатот на Шпанија, г. Пио Ескудеро изрази задоволство од добрите односи меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија и потенцираше дека Шпанија силно и трајно ја поддржува Македонија, како во интегрирањето во Европската унија, така и во НАТО структурите.

Тој изрази убеденост дека Европа треба да биде комплетна, заокружена и силна и заеднички да се постави во светот имајќи ги предвид сите околности.

Господин Ескудеро потенцираше дека соработката меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија не е на нивото на кое треба да биде, дека има простор за унапредување на истата, особено на економско ниво, истакнувајќи дека голем број шпански компании пројавуваат интерес за инвестирање во Македонија во областа на инфраструктурата и обновливата енергија. Господин Ескудеро изрази задоволство од досегашната заемна поддршка која Република Македонија и Кралството Шпанија си ја даваат во рамките на меѓународните организации и изрази убеденост дека истата ќе остане и во иднина.

На средбата која претседателот Вељаноски ја оствари со претседателот и членовите на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на Шпанија соговорниците разменија мислење за прашања значајни за двете држави. Европското интегрирање на Република Македонија и членството во НАТО, беа прашања на кои соговорниците посветија најголемо внимание, но се задржаа и на реформите кои Македонија досега ги има направено, на актуелната политичка состојба, економската соработка и на просперитет на двете држави, областите во кои може да се унапреди соработката.

Членовите на Комисијата за надворешна политика на Конгресот потенцираа дека влезот на Република Македонија во ЕУ ќе биде позитивен чекор со кој ќе се подобри и економскиот и политичкиот аспект на државата и регионот, дека влезот на Република Македонија во европското семејство е неизбежен, прашање е само дали ќе се случи порано или подоцна.

Претседателот Вељаноски, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија денеска беше поздравен од членовите на Конгресот на Шпанија, при неговото присуство на пленарна седница на Конгресот.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.