Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Вторник, 29 октомври 2013 година, Чешка Република

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во официјална посета на Чешката Република на покана на претседателот на Сенатот на Чешката Република, г. Милан Штех

На средбите со неговиот домаќин, г. Штех и претседателот на Владата на Чешката Република, г. Руснок, претседателот Вељаноски изрази задоволство од можноста за средба која е прва на највисоко парламентарно ниво и која е дополнителен импулс на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Чешката Република.

Претседателот Вељаноски за значајно го потенцираше постоењето на изразен взаемен интерес за соработка на ова ниво од парламентарниот сегмент на билатералните односи, како и можноста на овој начин, со оваа официјална посета да се допринесе кон унапредување на севкупната парламентарна соработка.

Тој воедно изрази благодарност за одлуката на Чешката Република од февруари годинава за официјализирање на употребата на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација, како и благодарност за принципиелната поддршка на патот на интегрирањето на Република Македонија во европското семејство.

Вељаноски истакна дека Република Македонија во Чешката Република препознава пријател, праведен и принципиелен застапник за проширување на НАТО алијансата со земјите кои ги исполнуваат условите за добивање покана за полноправно членство, пријател кој дава отворена и континуирана поддршка за интегрирањето на Република Македонија во Европската унија.

Претседателот на Сенатот на Чешката Република, г. Штех го потенцираше значењето на добро развиените пријателски односи меѓу двете држави, подготвеноста на Чешката Република за поддршка на Република Македонија за што поскоро интегрирање во европското семејство и НАТО. Изрази жалење што економската криза допринесе за одвлекување на вниманието посветено кон проширувањето на унијата, меѓутоа потенцираше дека тој со своите колеги ја користи секоја можност на меѓународен план да го актуелизираат ова прашање, дека граѓаните не смеат да губат надеж и истакна дека не смее на Балканот да му се случува тоа што му се случувало во годините наназад.

Првиот сенатор, изрази максимална подготвеност за споделување на искуства и изодени чекори на патот на преговарањето со Европската унија, како и искуства во однос на привлекување на странските инвестиции, на кои Чешката Република веќе 10-15 години посветува големо внимание и кои обезбедуваат просперитет и ниска невработеност. Господин Штех на покана на претседателот Вељаноски изрази подготвеност да ја посети Република Македонија следната година во придружба на бизнис делегација. Во однос на НАТО, г. Штех го сподели впечатокот дека Република Македонија веќе е членка со учеството и придонесот кој го дава во рамките на алијансата.

Претседателот на Владата на Чешката Република, г. Јиржи Руснок потенцираше дека односите со Република Македонија се многу блиски и пријателски, дека Чешката Република е заинтересирана за што поскора интеграција на Република Македонија и соседството во ЕУ и НАТО и изрази убеденост дека тоа е патот и начинот да се стабилизира и прошири зоната на просперитет. Тој искажа спремност да ги поделат сите искуства, како позитивните, така и негативните во однос на изодувањето на евроинтегративниот пат.

Премиерот Руснок на средбата потенцираше дека за Чешката Република проблемот со уставното име на Република Македонија не постои, свесни се дека на меѓународен план постојат пречки во однос на користењето на истото, но за нив тоа не е никаква пречка. Тој воедно истакна дека поддршката и добрите односи со Република Македонија ќе останат такви без оглед на промената на политичките чинители.

Соговорниците се согласија дека взаемните економски односи се добра основа за успешен развој на односите во сите други области, дека треба да се работи на интензивирање и унапредување на односите на економски план, дека македонскиот и чешкиот пазар имаат можности и услови кои дополнително може и треба да се искористат.

Трговската размена, условите и можностите за инвестирањето на чешките компании во Република Македонија, како и на актуелните политички случувања во двете држави и области од вземен интерес и можност за соработка: енергетиката, образованието и културата, техниката и технологијата за заштита на животната средина исто беа дел од прашањата на кои се задржаа соговорниците.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.