Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Петок, 7 септември 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на прием по повод 8 Септември - Денот на независноста

Почитуван претседател на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници, министри, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Референдумот на 8 септември 1991 година, кога над 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и независна Македонија, е нашата најголема современа победа. Референдумот ја потврди идејата, стремежите и определбите на сите оние претходни генерации втемелени во двата Илиндена, а тоа е самостојна и независна Република Македонија, како држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани.

Навлегувајќи во третата деценија од историскиот референдум, може да оцениме дека балканските премрежја завршија. Регионот дефинитивно се смени. Се смени начинот на размислување, старите матрици заминаа во историјата и полека се оформува нова парадигма на доверба и соработка. Балканските фрустрации се заменуваат со нови политики, практично натпревар на подобра конкурентност, квалитет на живот, интегрираност и подобра етаблираност во европски и пошироки рамки. И глобалните економски кризи кои влијаат врз регионот и врз нас ќе се пребродат. И ќе дојде денот кога на површина ќе испливаат и убедливо ќе победат напорите на оние земји и оние водства кои и покрај сè вложувале и сè уште вложуваат голема енергија и посветеност на реформите и напредокот на својот народ.

Почитувани пријатели,

Најзначајни се оние победи кои резултираат со поголема доверба и почитување меѓу луѓето,  победи кои се случуваат во мир, победи во економијата, во науката, во образованието, во културата, во спортот. Победи се градбите, духовни и материјални, кои ги создаваат креативни луѓе. Победа е кога воведуваме повисоки стандарди, кога правиме реформи, пред сè поради нас самите. Голема победа е членството во НАТО и во Европската унија.

Сепак, основата на секоја победа лежи во единството, и кога станува збор за националните интереси, за стратешките цели, постои само една партија која не познава делби и себични интереси. Тоа е МАКЕДОНИЈА!

Сите овие години пребродивме многу предизвици и треба да се гордееме со сето она што го постигнавме и она што претставуваме. Како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадовме услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот национален, културен и јазичен идентитет. Верувам дека денеска, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина.

Почитувани пријатели,

И покрај сите блокади, Република Македонија и понатаму активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот. Продолжуваме со преговорите кои се водат под покровителство на Обединетите нации, а, исто така, продолжуваме во целина и овде во законодавниот дом да ги правиме потребните реформи и усогласувањата со европските закони и стандарди.


Дами и господа,

Дозволете ми на крајот, на сите вас и на граѓаните на Република Македонија, да им го честитам 8 Септември.

Некa ни е честит и вечен 8 Септември!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.