Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Петок, 21 септември 2012 година, Стразбур

Обраќање на претседателот Вељаноски на втората сесија: Дали претставничката демократија е во криза? Предизвиците на националните парламенти

Почитувани колеги,

Иако демократијата е еден од досега најоптималните и најсмислените начини на организирање на политичката заедница, тој несомнено е динамичен процес кој има потреба од постојан развој. Демократијата воедно има свои слабости и апсурди кои создаваат можност и простор за појава на одделни дилеми, сомнежи, потхранување на теории на заговор и антидемократски сили и цели, што денес е евидентно во европските држави и во светот.

Од сите политички уредувања, најмалку доверба се има во демократијата, бидејќи сите останати уредувања, искажувањето на политичка недоверба го забрануваат и казнуваат. Суштината на демократијата се крие во учеството, компетенцијата и кокуренцијата при изборот на политичките претставници, но и во нивната одговорност пред оние кои ги бирале. Со сите нејзини предности, таа е неспоредливо подобра од недемократските политички облици. Една од значајните потврди на нејзина општа прифатливост е и фактот дека денес поединци, групи, организации и држави настојуваат да се претстават што подемократски.

Ако се потсетиме на дефиницијата на Абрахам Линколн  за демократијата како „владеење на народот, од народот и за народот“, што во услови на парламентарна демократија би значело „владеење на народни претставници“, но во склад и според желба на народот, доаѓаме до суштинската идеја на демократијата, граѓаните да имаат право да одредат, одлучат кој ќе владее со нив. Во таа смисла, граѓаните веруваат во демократијата и очекуваат од своите претставници да ги исполнат нивните очекувања.

Меѓутоа, колку и да се настојува да се избере најповолниот пристап, да се делува позитивно и од практикувањето на парламентарната демократија да се црпат само придобивки, таа, како и секој друг процес, има свои слабости и потреба од надградување. Во тоа настојување за оптимален бенефит се јавуваа дискутабилни, па и спорни моменти и прашања за кои во услови на демократија нормално постојат повеќе и различни видувања. Се јавуваат критичари, кои не го спорат приматот на демократијата како најдобар современ политички систем, но кои лоцираат и дефинираат криза во процесот на практикување на истиот. Меѓу останатите причини со кои ја детерминираат кризата овие критичари се повикуваат и на економската и социјална криза и на форсирањето на чисто партиските интереси.

Во оваа смисла, сите ние заедно треба да имаме слух за секое укажување во насока на сочувување на предностите од практикувањето на овој начин на организирање на политичката заедница. Ваквата посветенот е повеќе од потребна за да се успее да се остане на патот на остварување на очекувањата и интересите на граѓаните. Мора да се има и да се сочува респектабилно ниво на кое ќе се одвива плоден политички дијалог, да се настојува и гради вистинска, а не вештачка парламентарна расправа.

Минатиот век ја одбележа загриженоста за падот на парламентарните функции која доаѓаше пред сè поради зајакнувањето на извршната власт и бирократијата. Спротивниот концепт на предимензиониран парламент кој може да доведува до политички ќорсокак, не се покажува како здрава алтернатива. Како и да е, опаѓачката функција на парламентите, на нивната моќ и статус, стана евидентна, особено со зголемената функција на интересите на партиите и разните интересни групи, а тука треба да се надодадат и организационите слабости на самите парламенти.

 Во секој случај, функционалниот парламент подразбира суштинска селективност, односно соодветното внимание да го посветуваме на темите кои тоа навистина го заслужуваат и да не се потиснуваат значајните прашања за сметка на маргиналните, измислени и популистички прашања. Низ секоја дебата клучен мотив треба да биде интересот на граѓаните. На тој начин би се постигнала целта и би се избегнале или барем минимизирале последиците од кризата. А кризата се појавува во различни видови, и тоа како разочараност, апстиненција, бојкот и слично искажување незадоволство и незаинтересираност за општествените процеси. Овие состојби, условени од притисокот на бесперспективноста, немањето доверба во институциите, имаат за последица неуважување на истите, продлабочување на кризните влијанија и конечно социјална дисфункционалност и дезинтеграција.

Егзистенцијалниот момент на граѓаните, односно економскиот и социјален интерес на секој поединец во општеството, мора да бидат и останат приматот на агендата на парламентите наспроти на меѓупартиските конфликти и различните интереси.

Благодарам.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.