Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 20 септември 2012 година, Стразбур

Обраќање на претседателот Вељаноски на првата сесија: Иднината на Европскиот суд за човекови права: улогата на националните парламенти

Почитувани колеги,

Најнапред сакам да се заблагодарам на можноста да учествувам во расправата за иднината на европскиот систем за заштита на човековите права. Од своето настанување, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и Европскиот суд до денешните денови се потврдија како исклучително важен меѓународно правен документ и инструмент кој е длабоко вкоренет во правно политичкиот систем на нашите држави.

Сепак, правен механизам со над полувековно постоење не може да одговори на предизвиците на времето, доколку и сам постојано не се надградува.

Во последните години на Судот и правниот механизам на кој е базиран, беа посветени три исклучително важни конференции - во Интерлакен, Истанбул и Брајтон. Тоа што нивните инцијатори беа државите-членки на Советот на Европа од Централна, Јужна и Северна Европа, несомнено зборува за тоа колку за сите нас е важно да имаме развиен, современ и ефикасен систем на заштита на човековите права, како клучен индикатор за општо европската посветеност на демократијата и владеењето на правото.

Дозволете да потсетам дека мојата земја, Република Македонија, во текот на нејзиното неодамнешно претседателство со Советот на Европа, активно учествуваше во овој реформски процес.

Сведоци сме дека довербата и успехот на Судот доведоа до неговата преоптовареност, но тоа не е можно да биде разрешено само со негови реформи за зголемување на ефикасност. Тука на сцена треба да дојде обезбедување на: ефикасна имплементација на национално ниво на заштита на човековите права предвидени со Европската конвенција, како и активна гаранција и мониторинг за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Воспоставувањето на балансот меѓу националната и меѓународната јурисдикција во имплементација на Конвенцијата и пресудите на Судот е задача со која се соочени сите држави-членки.

Процесот на промени и унапредување на системот за заштита на човековите права ургентно на дневен ред ја поставува позицијата и улогата на националните парламенти. Според сознанијата на директните учесници, какви што се судиите на Европскиот суд, националните судии и експерти од нашата и другите земји-членки, активната улога треба да биде остварувана во два клучна сегменти: парламентите се закондавна власт и институција за контрола на извршната власт.

Парламентите се место каде што треба да се креира културата на владеењето на правото, културата на почит кон правата и основните слободи на човекот и на тој начин да се развива демократијата. Со други зборови, како законодавно тело, парламентите на државите-членки на СЕ при расправата по предлозите на нови закони или измена и дополнување на закони имаат обврска за почитување на принципите и стандардите за заштита на правата гарантирани со Европската конвенција, односно утврдени со судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Од друга страна, постојат повеќе форми на интеракција меѓу Владата и Парламентот, како што е следење на генералното имплементирање на стандардите и принципите на Судот и извршувањето на неговите пресуди, примена на институтот пратенички прашања до членовите на Владата, како и учество на претставниците на Владата во работата на парламентарни комисии.

Почитувани колеги,

Размислувањата и оцените за состојбите се непотполни доколку не се проследени со сопствениот конкретен придонес. Затоа накусо сакам да ве запознам со она што е направено и што правиме на овој план во Република Македонија. Општоприфатена е стратешката определба за членство во Европската унија и НАТО како најсилна гаранција за стабилноста и иднината на нашата држава, која е проследена со низа реформи.

Посебно место има реформата за обезбедување на независно и самостојно судство, како основа за реализација на уставниот поредок и меѓународното право, при што владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи се предуслов и составен дел на демократијата. Востановени се низа нови институции како што се Судскиот совет, Управниот суд, Советот на јавни обвинители,  Академијата за обука на судии и обвинители, а годишните извештаи на националното Биро за застапување пред Европскиот суд се разгледуваат во нашето Собрание. Воведовме нов механизам за донесување на пресудите во разумен рок и веќе покажа забележителни резултати. Напредок што е направен од наша страна е препознаен и во повеќе еминентни меѓународни извештаи.

За држави со мултиетнички, мултирелигиозен и мултикултурен состав, каква што е Република Македонија, заштитата на правата на етничките заедници е посебно значен индикатор за степен на развојот на демократијата, како и за согласноста со европските стандарди и вредности. Рамноправноста на етничките заедници кај нас длабоко е вградена во нашиот уставен и законодавен ситем при што е имплементиран Охридскиот рамковен договор, донесен со поддршка на меѓународната заедница.

Тоа е еден од главните столбови за развој на демократијата кај нас, како и важен елемент за зачувување на внатрешната кохезија, но и битен фактор како на внатрешната, така и на регионалната безбедност и соработка.

Европската конвенција ја третира заштитата на малцинските права на индивидулана основа, но притоа мора да се има предвид дека правото на зачувување и унапредување на малцинскиот идентитет најчесто може да се практикува на колективна основа. Идниот развој на системот за заштитата на човековите права, вклучувајќи ги малцинските според Европската конвенција како базичен општообврзувачки документ, оваа особеност треба да ја има предвид.

Во Парламентарното собрание на Советот на Европа се покренувани инцијативи и за нов дополнителен Протокол на Европската конвенција за заштитата на правата на малцинствата, кои досега не се финализирани. Во одделни земји-членки е присутно нецелосно имплементирање на одлуките на Европскиот суд за човекои права и не се почитуваат извештаите и препораките на ЕКРИ, комесарот за човекови права на СЕ, специјалниот известител на ОН и други меѓународни организации сврзани со признавањето, зачувувањето и развојот на правата и слободите на националните малцинства.

Европската конвенција за човекови права и основни слободи и Европскиот суд за човекови права се вградени во темелите на кои е создадена и израсната најстарата и најбројна европска организација. Од нив произлезениот систем за заштита на човековите права, несомнено е „крунски драгоцен камен“ на нашата организација, со силен отсјај од годините по катаклизмата на Втората светска војна до нашите денови, кој сите ние треба да го зачуваме за идните генераци, не заборавајќи да му придодаваме нови, современи драгоцености.

Благодарам на вниманието.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.