Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Петок, 16 ноември 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Конференција на МАНУ по повод 16 Ноември - Меѓународниот ден на толеранцијата

Почитуван претседател и членови на Македонската академија на науките и уметностите,
Почитувани екселенции, дами и господа,

Во ова време на интензивни промени, кога се менуваат традиционалните матрици на стариот свет, се случуваат придвижувања кои водат до зацврстување на едни нови парадигми, нови вредносни модели во општеството. Овие нови парадигми ја подразбираат толеранцијата како активен став, кој подразбира почитување на различноста и прифаќање и уважување на разнообразноста во едно општество и во светот во целина.

Ова е време на предизвици и нови решенија, време на градење на вистинска етика на толеранција. Толеранцијата не може да се практикува половично, да е само пасивен чин или да е само последица, дериват од нешто друго. Таа не може да биде второстепена категорија која се активира само кога се има нужда од неа, а во меѓувреме рамнодушноста да биде состојбата која надвладува!

Меѓународните стандарди и препораки бараат властите и јавните институции систематски да се борат против говорот на омраза, но и воедно должност да промовираат почитување на толеранцијата. Живееме во време кога се прифаќаат принципите на демократијата по т.н. модел на здружено живеење на различни заедници со различни именители од аспект на културата и религијата.

Клучот и предизвикот на толеранцијата е изградба на квалитетно општество кое овозможува учество во дебати со информации, да ги слушаме другите и да ги интегрираме различните ставови.

Сепак, во разнообразните општества, какво што е и нашето, пораките искажани со омраза можат да станат многу помоќни во негативната смисла на нивното значење, отколку повеќе пораки искажани во духот на толеранцијата. Затоа треба да се обесхрабруваат сите оние кои калкулираат со овој негативен ефект со цел да привлечат во суштина лажно внимание и фокус на јавноста.

Исто така, треба да се разбие патријахалниот стереотип, рецидив од минатото, кој од време на време се обидува да завладее кај помладите, дека толеранцијата е некаква мекост или нерешителност. Во нашата култура на размислување и однесување треба јасно да се апострофира ставот дека толеранцијата во ниеден случај не означува отстапка или попустливост во негативната смисла на зборот.

Во оваа насока, училиштата, универзитетите, домот и работното место се исклучително важни локации за унапредување на толеранцијата и за разбивање на стереотипите и наследените предрасуди. Потребни се дополнителни напори, особено за учење на децата за толеранцијата и човековите права, за различностите и другите култури и за другите начини на живот.

Светот во целина и Република Македонија како составен дел во него, треба да се сфати како една нова испреплетена социо-културна архитектура, целина на различни религии, култури и системи.

Треба да се сфати како нова градба која за темел го има формирањето на односот и културата кон различното како богатство на светот и на она што во него е универзално човечко искуство и значење.

Потребата од градење култура на почитување, дијалог и вклученост е императивна за македонското современо општество, кое, пак, историски го има тој неопходен, внатрешен природен квалитет на коегзистенција и толерантност. Недовербата, затвореноста и изолационизмот, никогаш не и биле својствени на нашата заедница, на нашето македонско општество и држава, која, да се потсетиме, за разлика од останатите, успеа својата независност да ја постигне по мирен пат.

На бранот на оваа позитивна традиција останува и натаму обврската за континуирано промовирање и поттикнување на толеранција како особено важен сегмент на современа демократска и мултиетничка Република  Македонија.

Наместо кон поделбите да се насочиме кон градење на синтези и јакнење на кохезијата, како наша обврска и наша постојана цел.

Собранието на Република Македонија учествува во создавањето на правната рамка која на современ начин ја регулира оваа сфера. Собранието го донесе Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и Законот за заштита од дискриминација со што се обезбедува заштита на најчуствителните сфери на заштита на човековите права и слободи.

Од своја страна, Собранието на Република Македонија, како и повеќе други сегменти од општеството, пристапи кон изготвување и усогласување на текст на Етички кодекс за пратениците со цел да се обезбеди заедничка прифатлива етичка рамка на нивното однесување. Во одредбите од овој саморегулирачки акт, меѓу другото, е предвидено и дека пратениците не смеат да користат изрази и зборови и да употребуваат гестикулации со кои го навредуваат или омаловажуваат другиот или различниот, изрази или синоними кои го навредуваат човечкото достоинство и го нарушуваат дигнитетот на Собранието, и поттикнуваат на омраза и насилство.

Исто така, во продолжението на овој документ е предвидено дека пратениците треба да се придржуваат кон принципите на човекови права и во оправдувањето на своите аргументи не се водат од разликите (дискриминација) во поглед на расата, полот, бојата на кожата, јазикот, верското уверување, националното и социјалното потекло, здравствената состојба и имотната и општествената положба.
Со намалување на координатите на таканареченото глобалното село во кое живееме, сè повеќе сме упатени кон оние со кои живееме, кон другите, независно од нивната различност.
Светот е поповрзан од било кога претходно.
Во овој испреплетен свет културата на толеранцијата е клучна за иднината на народите.
Сумарно речено таа е цивилизациска вредност која го прави можен мирот, внатрешниот, меѓу луѓето и меѓу народите.
Република Македонија е цврсто решена да се интегрира во современиот свет, во евроатланските интеграции.

Македонија неодамна го доби четвртиот позитивен Извештај во кој Европската комисија дава препорака Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите. Сите заедно, очекуваме Македонија конечно да го направи следниот  чекор, да одиме напред во интеграцијата и во декември, Европскиот совет на ЕУ да определи датум за почеток на преговорите.
Сето ова за наше добро, за нов дух, елан и ентузијазам во спроведувањето на реформите и афирмацијата на демократските вредности. Сето ова е и за доброто на регионот и неговите европски перспективи, за ширење на духот на толеранцијата и добрососедството, како и за доброто на Европската унија.

Почитувани,

Сите имаме одговорност да ги заштитиме оние кои се ранливи на дискриминација, без разлика дали таа е врз основа на раса, религија, националност, јазик или други фактори.

Практикувањето на толеранцијата може да служи како противотров на предрасудите и омразата. Борбата против говорот на омраза е можна преку градење на способноста за препознавање на проблемот, обележување на истиот, делегитимизирањето и процесирањето, како и преку генералното подигање на културата на дијалог.

Одбележувајќи го Меѓународниот ден на толеранцијата, дозволете, повторно да се потсетиме на моралниот императив дека толеранцијата започнува од секој од нас, со секој нов ден.
Толеранцијата ја прави можна различноста, различноста ја прави нужна толеранцијата.

Благодарам на вниманието.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.