Pratenichki sostav
 
Пратенички состав
Среда, 10 октомври 2012 година

ИЗЈАВА на претседателот Вељаноски ПО ПОВОД ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2012 ГОДИНА

Почитувани претставници на медиумите,

Вообичаено е по предавањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија од страна на Н.Е. г. Аиво Орав, да излеземе со заедничка изјава во која ќе ги споделиме првичните впечатоци.

Неспорно е дека и овогодинешниов Извештај, впрочем како и сите досегашни, е реален приказ на постигнатото во изминатиот едногодишен период. Тоа значи одбележување како на позитивните придвижувања кои сме ги направиле, така и на прашањата и на забелешките на кои во иднина ќе треба повеќе да се задржиме и да посветиме повеќе внимание и енергија.

Делот на Извештајот посветен на Собранието на Република Македонија, исто така, го отсликува направено во изминатата година. Јас, како претседател на Собранието, сум задоволен и очекувам и во наредниот период конструктивно и ефикасно да работиме. Оценките за нашето функционирање се одраз на заедничката работа на сите колеги пратеници, и на мнозинството и на опозицијата.

Извештајот, согласно досега утврдената практика, веќе во текот на наредната недела ќе се најде на дневниот ред на комисиите и на Националниот совет за евроинтеграции, каде ќе се започне со негово разгледување, а потоа ќе го разгледаме и дискутираме и на пленарна седница на Собранието на Република Македонија.

Почитувани,

Ова е четврти позитивен Извештај во кој Европската комисија дава препорака Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите. Затоа, повеќе од потребно е Република Македонија конечно да го направи следниот чекор, да одиме напред во интеграцијата и перспективите да станат реалност. Во оваа смисла, и јас, и сите ние заедно, со право очекуваме на крајот на оваа година, во месец декември, Министерскиот совет на Европската унија да определи датум за почеток на преговорите.

Сето ова за наше добро, за нов елан и ентузијазам во спроведувањето на реформите, но за доброто и на регионот и неговите европски перспективи, како и за доброто на Европската унија.

Благодарам на вниманието.
 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.