Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Среда, 12 октомври 2011 година, Будимпешта

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА ПЕТТАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ ОД ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции,

Република Македонија и земјите од непосредното соседство споделуваат идентични надворешно-политички стратешки определби што претставува основа за конструктивна, плодна и сеопфатна билатерална соработка, како и соработка во процесот на интеграцијата во ЕУ и НАТО, без оглед на различниот степен на нивната интеграција во овие организации. Самата заемна соработка на земјите од регионот претставува визионерска идеја сама по себе. Таа дава основа за оптимизам за подобра иднина на нашите народи, а воедно наговестува еден нов циклус од нашиот развој кој бара нова енергија, ентузијазам и залагање.

Од своја страна, пак, на последните форуми кои се одржаа годинава и Еврокомесарот за проширување Штефан Филе и Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон, изјавија дека е создададена позитивна атмосфера за забрзување на европските интегративни процеси, потенцирајќи го во прилог напредокот што во последнава година го остваривме ние земјите од Западниот Балкан.

На овој заеднички позитивен напредок кој го остваривме во периодот кој изминува би било добро токму уште денес, кога се објавува извештајот за нашиот напрекок,  да се придружи една позитивна проактивна порака и политика на Брисел.  Оваа порака  би се темелела на еден вид стратешко разбирање и фактичка солидарност и кон кандидатите за членство преку практичното забрзување на интегративното темпо и отпочнувањето на пристапните преговори со Унијата.

Македонија и Унијата имаат историјат на продлабочена и интензивна соработка втемелена на стратегиската цел на Македонија за интеграција во Европското семејство. Оваа соработка се одвива согласно одредбите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Како што е познато, по стекнувањето на кандидатскиот статус во 2005 остварените реформи и степенот на усогласеност на националното со европското законодавство резултираа со препорака на Европската комисија за отворање на пристапни преговори во октомври 2009, која беше обновена и во ноември 2010. Во Советот на Унијата нема консензус за усвојување на одлука за почеток на преговори со Македонија заради противењето на Грција, која својата согласност ја условува со изнаоѓање решение за спорот за името. Во оваа насока е значаен предлогот на Комисијата за донесување одлука од страна на Советот на ЕУ за премин во тнр. втора фаза од имплементацијата на Спогодбата од октомври 2009, чие донесување се одложува од политички причини. Ова дотолку повеќе што на почетокот на 2011 се воспостави трговска асоцијација меѓу Македонија и ЕУ согласно одредбите на Спогодбата. 

Од своја страна, Република Македонија ги максимизираше напорите за разрешување на билатералниот спор околу името со Грција, со активно и конструктивно учество во разговорите под закрилата на Обединетите нации и преку зачестените билатерални контакти со грчката страна, и останува целосно посветена ова прашање што поскоро да се разреши, без притоа да бидат доведени во прашање националниот, културниот и јазичен идентитет на македонскиот народ.

Членството во ЕУ налага остварување на многу темелни реформи. Во Република Македонија, на овој процес на реформи и хармонизација со европското право се гледа како на потреба за стекнување на европските стандарди и подигање на конкурентската моќ на нашата економија. Собранието, како вистински претставник на граѓаните, има исклучително значајна улога за внесување на принципите, стандардите и вредностите од европскиот корпус во секојдневниот живот. Сакам да истакнам дека на многу подрачја имаме направено многу голем исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди и дека сме подготвени нашите искуства да ги споделиме со сите држави од регионот. Со други зборови речено, Република Македонија континуирано испорачува конкретни и видливи резултати во клучните реформски области, особено во реформите на: државната администрација, правосудството, борбата против корупцијата, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, хармонизација со правото на Европската унија и подобрување на имплементација на законите и економските реформи. Европската комисија денес по трет пат ќе потврди дека кај нас европските принципи, стандарди и директиви стануваат секојдневие и се вградуваат во нашиот правен систем. Јас верувам во изворните принципи врз кои се темели Унијата и очекувам сега и Министерскиот совет на ЕУ да ги почитува тие принципи и Република Македонија да добие датум за отпочнување на пристапните преговори.

Република Македонија учествува во Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ врз основа на својата политичка определба да ги сподели целите и приоритетите на оваа значајна заедничка политика пред членството во Унијата, сакајќи да придонесе и во промоцијата на мирот и стабилноста на глобален план и во изградбата на мирот и пост-конфликтна стабилизација во кризните региони.

Односите и соработката на Република Македонија со земјите од непосредното соседство (Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Косово) се еден од клучните столбови на нејзината надворешна политика. Добрососедството и пријателството, базирани на принципите на почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји во Регионот, со изразена подготвеност за соработка во повеќе области од заемен интерес, свој одраз имаат во интензивните контакти на билатерален, регионален и мултилатерален план на сите нивоа, договорните односи, иницијативи и создавање претпоставки за севкупен просперитет на граѓаните во овие земји.

Економската соработка, која иако од година во година се повеќе се интензивира, со сите наведени земји е под реалните можности и интереси, за што придонесе и светската економска и финансиска криза. Посебениот интерес и ицијативите се насочена кон инфраструктурните и енергетски проекти.

Република Македонија останува на својата принципиелна определба – конструктивниот дијалог, заемната доверба, разбирање и почитување да биде основното средство за изнаоѓање решенија за сите прашања во односите со своите соседи, во функција на постигнување трајна стабилност и безбедност на Регионот.

Мирот и стабилноста на овие простори се веќе долго посакувани вредности. Тие се основата за стабилни и здрави општества. Недоразбирањата, предрасудите и нето-леранцијата треба да се неповратно минатото. Во нашата регионална соработка треба да поаѓаме од фактот дека има многу повеќе работи кои не обединуваат отколку што не делат. Дека има многу што да се сподели како заедничка цивилизациска придобивка и наследство отколку нешта кои не разделуваат. Токму тие нешта на споделување, треба да станат темел на добрите врски меѓу различни култури, нации и религии. Успешно решавање на оваа сложена задача има посебно значење за балканските земји, како и за Европа во целина. Убедени сме дека Република Македонија и сите други зем¬ји од регионот, располагаат со капацитет тоа да го остварат. А тоа е единствениот пат како во еден разумен временски период сите држави од регионов да се приклучиме на нашите соседи кои веќе се членки на ЕУ односно и институционално да станеме дел на европското семејство. Ние, и географски, и цивилизациски, и културно, припаѓаме на Европа.

Република Македонија е одговорна и посветена членка на меѓународната заедница. Како самостојна и суверена држава, од самиот почеток придаваше и придава особено значење на регионалната соработка и добрососедските односи.

Мултилатералната регионална соработка претставува општ тренд во развојот на меѓународните односи, како дел од процесот на глобализација. Нашиот регион во ова влезе со извесно задоцнување, но денес тоа е надоместено со голем број на нови иницијативи, процеси и средби. Парламентарната соработка треба силно да придонесе за создавање на нова атмосфера во меѓусебните односи, секако поддржана од најшироката јавност, бизнис заедницата и цивилното општество.

Препораката на Европската комисија за отворање на пристапни преговори очекувам денес, по трет пат да биде повторена. Наш клучен непосреден приоритет и понатаму е отпочнувањето на пристапните преговори со Унијата, што е можно поскоро.

Ако се сумираат сите пораки кои доаѓаат може да  се оцени дека не постои некаква апатија од проширување, туку според изјавите кои доаѓаат од Брисел може да се заклучи дека напротив завршувањето на преговорите за прием на Хрватска во ЕУ го враќа кредибилитетот на процесот за проширување, а на Македонија, Србија и на Црна Гора им се бележат напреднати чекори кон започнување на пристапните преговори. Денес, очекувам еврокомесарот за проширување Филе да ги повтори овие оценки и да даде нов поттик за одење еден значаен чекор напред во интеграциониот процес.

Благодарам на вниманието.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.