Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 8 септември 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод Денот на независноста на Република Македонија 

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Дами и господа,

Сите народи и држави имаат свои, големи, историски датуми и настани.
Тие, ја обликуваат свеста на граѓаните и ги проектираат патиштата по кои се движиме.
Тие, се и паметник за времињата што поминале, но и најголем потсетник за одговорноста што ја имаат нациите, соочувајќи се со настаните што доаѓаат.
Почетокот и крајот, на сите нив се татковината и народот!

Македонија во минатиот век имаше три такви настани: едниот на почетокот, вториот кон средината, третиот кон крајот на 20. век.

Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 година се нашите меѓници на патот кон освојувањето на слободата.

Овие врвови, се дел од нашата историја, создавана со име и со чест!

Третиот Илинден, 8 Септември е последниот во низата проблесоци на македонската национална свест и саможртва, кога народот на Македонија, референдумски донесе историска одлука, нашата татковина да се конституира како суверена и самостојна држава.

Овој ден е само дел од низата чекори кои беа преземени за заокружување на македонската државност. Три декларации ја одбележаа историската 1991 година. Непосредно по конституирањето на првиот повеќепартиски состав, Собранието, на 25 јануари ја носи Декларацијата за сувереност. На 17 септември, веднаш по успешно одржаниот референдум на 8-ми септември, Собранието ја носи Декларацијата за независност. И, најпосле, по изгласувањето на Уставот на Република Македонија, Собранието на 25 декември ја носи и третата, Декларацијата за меѓународното признавање на Република Македонија. Тоа се документите со кои беа поставени темелите на независна и демократска Република Македонија.

Граѓаните, како што е истакнато и во самите текстови од Декларациите, испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на својата самостојност и сувереност. Истовремено, со нив се истакнува и виталната заинтересираност на нашата татковина за вклучување во евроинтегративните процеси. Залагајќи се за строго почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, Македонија се заложи за мирно решавање на проблемите по пат на преговори и врз основа на заемно почитување.

Накратко, Декларациите ја проектираа Македонија како модерна и демократска држава, која извлекувајќи се од стегата на комунизмот и лажното југословенство, тргна по патот на политичкиот плурализам и пазарната економија!

Во изминатите 20 години, постигнавме многу!

Искачивме големи врвови!

Решивме голем број значајни прашања. Некои успешно, некои помалку успешно.

Поминавме низ многу премрежија.

Бевме доведувани во многу искушенија кога требаше да се повлекуваат решителни потези.

Како резултат на таквата политика на втемелувачите на нашата државност, Македонија стана членка на речиси сите значајни меѓународни организации.

Македонија стана и респектиран партнер во соработката со многу држави во светот.

20 години по историскиот 8 септември, повторно сме соочени со крупни предизвици.

Денес, кога судбината не ни зависи од никој друг, туку од нас самите, имаме уште поголема одговорност и поголеми очекувања!

Јас сум уверен дека ќе ги совладаме сите предизвици и искушенија!

Мораме да го заокружиме нашето евроатлантско интегрирање!

Македонија е Европа, а Европа е Македонија!

Ние во најубавата смисла, природно, му припаѓаме на европското семејство.

Наш недвосмислен интерес е реално да ги примениме европските стандарди и да ги заокружиме реформите.

Наш недвосмислен приоритет е да го приспособиме македонското стопанството да биде уште поконкурентно на европските пазари.

Конечно, наша, недвосмислена заложба продолжува да биде и развојот на меѓуетничките односи и разбирање.

Почитувани дами и господа,

Големите историски победи им се случуваат на храбрите, на сплотените и на обединетите.

На нас ни е оставен аманет од генерациите дејци, преродбеници и херои, кои се вградија во темелите на слободна Македонија, никогаш повеќе да не ни се случат поделби и историски грешки.

Големите настани и победи во нашата историја се заеднички влог и жртва.

Тие се паметник за сите наши граѓани, етнички заедници и политички опции.

Во духот на мотото со кое го одбележуваме овој клучен историски настан, би сакал уште еднаш да се заложам и да повикам на заедничка сплотеност, помирување и посветеност во остварувањето на клучните стратешки цели на Македонија.

Затоа, во името на идните генерации и аманетот кој ни го оставија сите оние кои ги вложија животите за денешна Македонија, да ја направиме нашата библиска земја уште подостојна за нивните жртви, уште повековита од нивните надежи и уште поубава од нивните соништа.

Дозволете ми, на крајот, на граѓа­ните на Република Македонија, кои со извонредно висока свест и огромно мно­зинство ја понесоа одго­ворноста за референдум­ското изјаснување за наш­aта независност, да им упатам најдлабоки и најискрени честитки.

Нека ни е честит Денот на независноста,

Нека е вечна и од бога благословена нашата татковина, Република Македонија.

Благодарам.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.