Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 31 март 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички односи и безбедносна политика, г. Дирк Бренгелман

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска го прими г. Дирк Бренгелман, помошник на генералниот секретар на НАТО за политички односи и безбедносна политика.

На средбата, претседателот Вељаноски истакна дека безбедноста на една држава, регион, па и пошироко, не може да се темели само врз оружјето, армијата и полицијата, туку пред сè на градење на стабилни политички и економски состојби. Токму во таа насока е и работата на Собранието на Република Македонија, како во процесот на донесување на закони, така и во остварувањето на надзорната улога на парламентот врз извршната власт. Фактот што Извештајот за напредокот на Република Македонија од Европската комисија дава позитивна оцена и за парламентот и за државата, и што Извештајот содржи препорака за започнување на преговори за членство, докажува дека сме на вистинскиот пат и дека добро работиме во остварувањето на евроатланската агенда.

Зборувајќи за имплементацијата на Охридскиот договор, претседателот на Собранието истакна дека неговата имплементација оди добро и дека е многу поважно таа имплементација да се врши квалитативно, отколку само да гледаме дали сме ја исполниле квотата на правична застапеност.

Во врска со актуелната состојба во државата, претседателот Вељаноски истакна дека вонредните избори ќе се одржат на 5 јуни и изрази уверување дека ќе бидат обезбедени сите услови изборниот процес да се одвива во фер и демократска атмосфера.

Помошникот на генералниот секретар на НАТО, г. Дирк Бренгелман, истакна дека НАТО во секој момент е подготвен соработката со Република Македонија да ја подигне на повисоко ниво, односно полноправно членство.

„Искрено посакувам релативно брзо да се реши спорот со името, а со тоа да се надмине единствената бариера за ваше членство во НАТО. И јас мислам дека кога се зборува за имплементација на Охридскиот рамковен договор, таа пред сè мора да ја има квалитативната димензија“, истакна г. Бренглеман, додавајќи дека по изборите Република Македонија многу поинтензивно ќе се сконцентрира на остварувањето на евроатланската агенда.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.