Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Понеделник, 7 март 2011 година

Претседателот Вељаноски му посака успешна работа на новоименуваниот шеф на Делегацијата на ЕУ, Н.Е. Питер Соренсен

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската унија, Н.Е. Питер Соренсен. Посакувајќи му успех во извршувањето на функцијата, претседателот Вељаноски изрази целосна подготвеност и отвореност за непосредна соработка со г. Соренсен за изнаоѓање на решение за секое прашање значајно за нашиот евроинтеграционен напредок.
 
Притоа, претседателот Вељаноски се осврна на развојот на Собранието и неговите капацитети во изминатите неколку години, а особено на донесениот Закон за Собранието и новиот Деловник за работа на Собранието.

На средбата се разговараше и за повеќе актуелни парламентарни прашања. Во оваа насока, претседателот Вељаноски информираше за текот на постапката за измените на Изборниот законик (согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР), за основањето на Парламентарната комисија за утврдување на состојбата со избирачкиот список, како и за постапката за избор на нов претседател на Државната изборна комисија.

Од своја страна, г. Соренсен искажа охрабреност од развојот на Собранието во изминатите години, а во однос на идната соработка и актуелните прашања тој искажа отвореност за непосредна соработка со претседателот на Собранието и на двата кабинети, во насока на успешно исполнување на политичките критериуми за нашиот евроинтегративен напредок.
 
Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, имајќи го предвид професионалниот капацитет и богато искуство во регионот на г. Соренсен, изрази уверување дека заедно ќе придонесат Република Македонија по третпат да добие позитивен извештај и да ги започне преговорите, како и уверување дека во мандатот на г. Соренсен, Република Македонија ќе стане полноправна членка на Европската унија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.