Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Петок, 16 декември 2011 година

Средба на претседателот на собранието г.Трајко Вељаноски со претседателот на Србија г. Борис Тадиќ
 
Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски на денешната средба ги истакна високо развиените односи меѓу двете држави и народи, кои постојано се надградуваат и посебно стави акцент на заедничката иднина во рамките на процесот на интеграција во Европската унија. Како парламент ние сме подготвени со нашите српски колеги да ги споделиме сите искуства во тој процес, истакна Вељаноски.

„Треба да се има предвид дека нашата билатерална соработка не само што е во наш заеднички интерес, туку и во интерес на целиот регион и неговата евроатлантска перспектива.

Во исто време, Брисел токму регионалната соработка посебно ја вреднува како еден од основните принципи врз кои се темели Европската унија.

Ова е посебно важно на полето на економската соработка и на заедничките проекти кои ќе бидат корисни како за нашите држави, така и за регионот, но и Европа во целост“, истакна претседателот, г. Трајко Вељаноски, посочувајќи го како пример завршувањето на Коридорот 10.

„Се надевам дека Србија во март ќе добие статус на држава-кандидат, со што и целиот регион ќе добие дополнителен импулс за остварување на европската  иднина“, додаде претседателот, г. Трајко Вељаноски.

Претседателот на Србија, г. Борис Тадиќ, изразувајќи лично задоволство од посетата на Република Македонија подвлече дека за Србија е од голема важност натамошниот развој на добрососедските односи.

Во тие рамки тој ја истакна улогата и придонесот на двата парламента, како и уверување дека таа соработка ќе продолжи.

Претседателот, г. Борис Тадиќ истакна дека економската соработка во инфраструктурата,  енергетиката, земјоделието, како и заеднички настапи на трети пазари, е многу значајна и дека двете држави имаат потенцијал таа соработка да ја развиваат.

Зборувајќи за евроатлантските интеграции, српскиот претседател Тадиќ истакна дека секој напредок на Македонија во тој правец е во корист и за Србија и за регионот во целост. 

Во разговорите и двете страни како многу добра ја оценија положбата на етничките заедници, Србите во Македонија и Македонската заедница во Србија истакнувајќи дека треба како држави постојано да се заземаат за зачувување и развивање на нивната национална култура, јазик и идентитет.  

 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.