Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Вторник, 25 октомври 2011 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ, во рамките на дводневната официјална посета на г. Комшиќ на Република Македонија.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски истакна дека односите меѓу двете земји во последниве години се движат во одлична насока, имајќи ги предвид возвратните посети на сите нивоа. Претседателот Вељаноски потенцираше дека сега е време државите од регионот да гледаат напред и да станат полноправни членки на ЕУ и на НАТО. За жал, Република Македонија од познати причини не е дел од овие институции и покрај реформите, успесите, трите позитивни извештаи од ЕК во шестгодишниот период во кој Република Македонија има статус на кандидат за член во ЕУ. Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија се радува на успехот на своите соседи на патот кон ЕУ и НАТО, бидејќи зачленувањето на сите земји од регионот во ЕУ ќе биде придобивка и за ЕУ и за сите нејзини членки.

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ, искажа благодарност за прекрасниот прием и пријателство од страна на неговите домаќини. Господин Комшиќ се осврна на внатрешните состојби во БиХ, особено на Советот на министри на БиХ, кој сè уште не е формиран.

Претседавачот Комшиќ се осврна и на парламентарната дипломатија, која е многу важна димензија, затоа што решавањето на прашањата и размената на искуства меѓу две земји не може да заврши со средби само на претседателско и премиерско ниво. 

Тој истакна поддршка за членството на Република Македонија во НАТО и изразувајќи уверување дека пристапувањето во НАТО треба да се случи во најскора иднина, подвлекувајќи го примерот на Словенија и Хрватска во решавањето на билатералните прашања паралелно со водењето на преговори за членство во НАТО и ЕУ.

Соговорниците се согласија дека зачленувањето во ЕУ и НАТО ќе се случи порано или подоцна, но важно е земјите од регионот да продолжат со соработката на сите нивоа, сè додека не ја постигнат крајната цел.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.