Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Петок, 25 септември 2009 година

Претседателот на Собранието Вељаноски се обрати на КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА опционален протокол кон конвенцијата против тортура и востановување на Национален превентивен механизам во република македонија

Дами и господа,
Екселенции, 
Подобро да се спречи отколку да се лекува. Оваа многу едноставна мисла, која верувам е стара колку и човековата цивилизација, на наједноставен начин ја покажува човековата мудрост. Исто така, и денеска оваа мисла е актуелна и претставува вистинска насока како да се однесуваме, без разлика дали станува збор за наше индивидуално однесување или пак станува збор за функционирање на институциите.

Токму затоа и вашата конференција ја разбирам во тој дух,  како да ја зајакнеме и да воспоставиме национален механизам за превенцијата пред тортурата.

Дозволете да потсетам дека во 2006 година ние ја потпишавме Конвенцијата против тортурата, а во 2008 година во декември го ратификувавме и  Факултативниот протокол кон споменатата конвенција. Станува збор за значајни меѓународни акти кои се дел од корпусот на заштитат на човековите права. 
Со Законот за ратификација на споменатиот протокол поточно во членот 4, улогата на национален превентивен механизам за заштита од тортурата е даденa на народниот правобранител, односно на онбудсманот. Имено, ова е практика во повеќето европски држави, бидејќи секаде онбудсманот не само што ги штити човековите права, кршени од страна на државните институции, туку дејствува и превентивно. 

Дами и господа,

Сите сме свесни дека процесите на глобализацијата се неминовни и налагаат универзални решенија за многу работи меѓу кои е и превенцијата пред тортурата.  Република Македонија е членка на Обединетите нации, а и како држава  се определивме за евроатлантските интеграции. Затоа мораме од една страна да ги прифатиме тие универзални решенија и стандарди и да работиме на нивно развивање. Само така навистина можеме да бидеме дел од таа глобализација, односно од процесите на интеграција. 

За жал сведоци сме дека и во високоразвиените демократски држави се присутни примери на тортура, мачење и понижување на лица кои можеби оправдано се ставени во затворени институции. Тука мислам, пред сe, на борбата против меѓународниот тероризам. Но и во овие примери не смее да има тортура, мачење и понижување на затворените лица. 

Затоа превенцијата, а јас би додал и законското санкционирање, мора постојано да биде присутно и да зајакнува.
Од друга страна, како правник кој во својата професионална кариера сум работел како адвокат, во извршната власт, а сега во законодавната, многу добро знам дека само со законски решенија не можете да се борите против тортурата. Мислам дека тортурата е тесно поврзана со предрасуди и стереотипи, односно со свеста на секој поединец.
Бидејќи станува збор за субјективен фактор превенцијата уште повеќе е потребнa и таа треба да зајакнува. Во тоа, убеден сум, посебна улога има и невладиниот сектор кој преку јакнењето на демократската свест  може заедно со институцијата Народен правобранител, но и со другите институции, да направи многу во превенцијата од тортура.

Секако и искуствата од другите држави можат многу да ни помогнат за поефикасна превенција од тортурата. 

Во оваа пригода би сакал посебно да истакнам дека во Собранието на Република Македонија имаме постојана анкетна комисија која, исто така, има значајна улога во заштитата на човековите права, а во тие рамки и на превенцијата пред тортурата. Истовремено како законодавен дом и досега имаме вистинска и плодна соработка со Народниот правобранител кој е носител на превенцијата од тортура, а ве уверувам дека сме подготвени таа соработка постојано да ја продлабочуваме. 

На крајот дозволете да ви посакам успешна работа, а на нашите гости да им посакам пријатен престој во Македонија.

Ви благодарам за вниманието.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.