Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Среда, 24 јуни 2009 година

Обраќање на претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски по повод 10-годишниот јубилеј на Државниот завод за ревизија на Република МАкедонија

Дами и господа,
Екселенции,
почитувани гости

Навистина ми претставува задоволство што денеска со Вас го споделувам јубилејот од десетгодишното работење на Државниот завод за ревизија.
Законот со кој е формиран Државниот завод за ревизија и кој го дефинира неговиот мандат е донесен во 1997 година и досега се направени пет измени и дополнувања, со цел во него да се инкорпорираат основните начела на Лима - декларацијата во која се содржат водечките упатства и принципи во ревизијата, како и одлуките на 17-от Конгрес на Меѓународната организација на врховни ревизорски институции од Сеул.
Со ова е создадена законска рамка која ги обезбедува највисоките правни стандарди кои денеска се присутни во Европската унија и воопшто во меѓународната заедница, а се однесуваат на  државната ревизија.

Дами и господа, 

Десет години можеби од историски аспект не е многу долг период, но вашите резултати за овие десет години навистина заслужуваат почит и признание. Ако пред десет години Државниот завод за ревизија завршил 19 ревизорски извештаи со девет вработени, во 2008 година бројот на извршените ревизии е 84, а бројот на вработените е 111, од кои најголем дел односно 97 проценти се со висока стручна спрема.  

Овој позитивен тренд е многу значаен бидејќи предмет на државната ревизија се Буџетот на Република Македонија, буџетите на локалната самоуправа, корисниците и единките корисници на средствата од буџетот, а еве да го споменам и Собранието на Република Македонија, па преку јавните претпријатија и други државни институции кои се финансираат од буџетот односно околу илјада и триста субјекти. Со еден збор, вие како институција сте тој зачаен субјект кој врши контрола како се користат парите на граѓаните.

А зарем можеме да зборуваме за демократија, за правна држава, за ефикасно функционирање на институциите, за вистинска борба против корупцијата и организираниот криминал, ако немаме институција како што е Државниот завод за ревизија која ефикасно, самостојно и квалитативно тоа го работи. Од неодамна во рамките на  Државниот завод за ревизија функционира ревизорско тело кое врши контрола на користењето на предпристапните фодови на Европската унија. 

Дами и господа, 

За да се направи сето ова потребна е  квалитетна кадровска екипираност како и перманентно стручно оспособување и надоградување. Навистина е импресивен фактот дека твиниг партнер на Државниот завод за ревизија беше Холандскиот суд за ревизија, кој е основан во 1814 година, и верувам дека од една ваква институција со скоро двовековна традиција и искуство, имаше што да се научи.

А колку што знам оваа соработка ја продолжувате и оваа и идната година.

 Државниот завод за ревизија има остварено контакти и соработка и со многу други ревизорски институции од европските држави и пошироко, како и со врвните ревизорски институции на Европската унија, како што е Европскиот суд на ревизори. Затоа без некоја лажна скромност денеска кога се одбележува 10 години од вашето работење можеме сите да се пофалиме дека во Република Македонија, Државниот завод за ревизија е институција која работи според европските стандарди и со ништо не се разликува од ревизорските институции во европските држави.    

Сакам да истакнам уште една димензија во вашето работење, а тоа е транспарентноста. Фактот дека на вашата веб страница се наоѓаат сите завршени ревизорски извештаи зборува дека Државниот завод за ревизија работи максимално транспарентно и дека на секој граѓанин, политички субјект или државна институција им се достапни ревизорските извештаи.

Со тоа, пред се во јавноста, се создава една позитивна перцепција за Државниот завод за ревизија како институција која навистина го контролира трошењето на парите на граѓаните. 

А таа позитивна перцепција и транспарентност може да се види и во медиумите, но и во фактот дека често пати во Собранието во текот на дебатите пратениците, без разлика дали седат лево или десно, знаат своите дискусии да ги аргументираат токму со вашите податоци и информации, кои се наоѓаат на вашата веб страница,  што навистина е добро.  

Со еден збор мислам дека кај нас е надминато сфаќањето за ревизорите кое Гогољ во својата драма Ревизор го опишува како нешто непријатно и лошо, а преовладува позитвното мислење дека трошењето на буџетските средства е под постојана контрола и тоа не само дали парите се трошат според законските одредби односно финансиска ревизија, туку вие вршите и ревизија  на ефикасноста од потрошените средства. 

Почитувани дами и господа, 

Сите знаеме дека наша стратешка определба е вклучувањето во евроатлантските структури, НАТО и Европската унија. Во рамките на тоа наше приближување и полноправно членство, еден од условите е и борбата против корупцијата. И на ова поле како држава имаме постигнато добри резултати. Сепак во оваа пригода сакам да ја истакнам вашата улога бидејќи вие како ревизорска институција сте први кои пред се стручно ги откривате ваквите појави, а ваша законска обврска е за ова да ги известите надлежните институции, од Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Антикорупциската комисија па понатаму.

Имајќи предвид дека нашето приближување и членство во ЕУ е нешто  неминовно, бидејќи ние сме географски, а и цивилизациски дел од Европа, посебно би сакал да истакнам дека вие со вашата ревизија врз предпристапните фондови на ЕУ веќе сте дел на Европа. Ова го велам од проста причина што во Европа уште како се внимава каде и како се трошат парите од буџетите или фондовите,  а тие пари  се од европските граѓани даночни обврзници. 

Токму овие процеси на интеграција во Европа се предизвик за сите институции, но и за секој политичар, а јас би рекол и за секој граѓанин во рамките на своето секојдневно работење и однесување да ги почитува европските стандарди и вистински да ги спроведува.

Тие стандарди не се затоа што некој во Брисел ни ги бара, туку се исклучиво во интерес на секој граѓанин, на секоја институција, на целокупната бизнис заедница. Бидејќи тие стандарди во суштина  се темелат врз неколку основни принципи, а тоа се демократијата, човековите права и правната држава.  

Јас  сум убеден дека вашата институција која на прв поглед изгледа дека се занимава само со бројки, со своето стручно и независно работење ги штити и ги остварува тие основни принципи.

 Сега, кога светот се среќава со глобалната економска криза, која не не одмина ниту нас, кога Владата донесе конкретни мерки за нејзино ублажување и надминување, токму Државниот завод за ревизија поаѓајќи од своите законски надлежности, има значајна улога да контролира како тие мерки се спроведуваат. 

Дами и господа, 

Собранието на Република Македонија како законодавен дом не само што донесува закони туку има и уставна обврска да го контролира нивното спроведување. Една од тие форми е и обврската до Собранието да се доставуваат и да се усвојуваат извештаите на одделни државни институции. Меѓу нив е и Државниот завод за ревизија кој има обврска до 30 септември секоја година да достави извештај за своето работење.

Вашата институција досега многу редовно и во рок ја исполнува оваа обврска, што треба да биде пример и за другите. Но, истовремено сакам да истакнам една друга димензија. Извештаите на Државниот завод за ревизија секогаш биле максимално квалитетни, односно биле прифатени и потврдени како од позицијата, така и од опозицијата. Ова е уште еден доказ за тоа што е парламентарна демократија и како треба да функционира правната држава. 

Од друга страна сакам да ја искористам оваа свечена пригода и уште еднаш да истакнам дека Собранието на Република Македонија поаѓајќи од своите уставни надлежности од една страна ќе продожи интензивно да ги следи имплементацијата и спроведувањето на законите.  Во исто време  како законодавен дом секогаш сме подготвени пред се преку собраниските комисии да оствариме поголема и поефикасна соработка и со вашата институција, но и со сите органи на извршната власт со единствена цел, Република Македонија да се развие во вистинска демократска држава во која ќе имаме целосно владеење на правото и максимално почитување на човековите права.  

На крајот дозволете уште еднаш да ви го честитам 10-годишниот јубилеј, да ви посакам и понатаму успешна работа и развој за добробит на сите. 

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.