Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 26.02.2009

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по повод отворањето на Собраниската библиотека

Почитувани поклоници на книгата и знаењето,
Ваши eкселенции,
Почитувани колеги пратеници,
Уважени гости,

Секој човек по својата природа тежнее кон знаење. Секое семејство, пак, во својот дом има катче кое му дава посебна топлина, полици каде се сместени омилените книги од кои за првпат сме се запознале со новите нешта и од каде сме ги ширеле нашите духовни хоризонти. Нашиот парламентарен дом од денес добива токму ваков репрезентативен простор со повеќе катчиња, кој треба да стане значаен замаец во зајакнувањето на истражувачкиот капацитет на Парламентот.

Парламентарните библиотеки се најрепрезентативните сегменти од секој парламент. Тие се средишта на парламентарниот дух каде информациите и истражувањата се преточуваат во толку неопходното знаење потребно за да имаме  не само квалитетен законодавен процес, туку и ефективен надзор врз спроведувањето на законите. Со реализацијата на овој проект се очекува да се зголеми пристапот на пратениците и стручната служба во Собранието на РМ кон библиотечниот и истражувачкиот потенцијал на библиотеките и истражувачките центри во парламентите на другите држави, ЕУ, Советот на Европа и други меѓународни организации, а особено кон Конгресната библиотека на САД, парламентарните библиотеки на ЕУ членките и се разбира домашните библиотеки.
Во поглед на соработката на овој план со Европската унија, се очекува со проектите од пристапните ИПА фондови соодветно да се надогради парламентарниот истражувачки капацитет за поглавјата по отпочнувањето на преговорите за членство во Европската унија преку основање на сегмент во библиотеката кој располага со значителен литературен фонд од ЕУ законодавството.
Салата во која ја сместивме собраниската библиотека е изградена во 1954 година, и како што ви е познато беше во лоша состојба и многу слабо користена. Со нејзиното реновирање целосно е обновен и задржан нејзиниот автентичен изглед и е додадена неопходната техничко-информатичка опрема. И нешто повеќе, салата е комплетно покриена со информатичко-технички систем за гласање и вршење телевизиски преноси, односно перформанси со кои може да и конкурира и на пленарната сала.
Како што е познато потребата од зајакнување на капацитетите за поддршката на работата на Собранието е иницирана кон крајот на 2006 година при посетата на четирите конгресмени од Комисијата за поддршка на демократијата на Претставничкиот дом на САД.  А веќе на почетокот на наредната година заеднички во Вилтон Парк, Велика Британија донесовме Акционен план со сет мерки, во овој сегмент, кои сме на добар пат годинава да ги реализираме. Преку студиските посети на делегации пратеници и службеници на Конгресот на САД и неколку европски парламенти ги стекнавме неопходните компаративни сознанија во кој правец треба да се движиме за да го зајакнеме парламентарниот капацитет и автономија и ниво на транспарентност во работењето.

Од осамостојувањето, Република Македонија помина низ интензивен процес на институционални и законски реформи. Слично на другите земји во транзиција и во Република Македонија овој процес се карактеризира со усвојување на многу закони од кои некои за прв пат се воведени во нашиот правен систем.

Сегашната состојба, исто така, налага интензивна законодавна активност и сложена хармонизација со европското право, но за да не ги повторуваме слабостите потребна е висока законодавна конзистентност и следење на нивната имплементација.

Во овој прекрасно реновиран простор практично добиваме стимулативен работен амбиент каде очекувам и повикувам да се одржуваат разни јавни расправи за донесувањата и примената на законите. Создаваме услови за вршење парламентарна процена на квалитетот и кохерентноста на предложените закони, процена за нивното влијание и ефектите од нив врз засегнатите страни и целни групи, односно дали предложените закони се доволно јасни, прецизни и сеопфатни, кои се придобивките од предложените законски решенија, дали тие ги надминуваат предвидените трошоци и дали тие се рамномерно распоредени.

Покрај вложувањата во зајакната информатичко-технолошка опрема која им стои на располагање на пратениците и службите, активно се работи и на зајакнување на кадровскиот потенцијал во Собранието.

Во периодот од 2008 до 2011 година во рамките на Националната програма за пристапување кон Европската унија се планирани 70-тина вработувања, со акцент врз работата на комисии и истражувачките капацитети.

Исто така, ја разгледуваме можноста за основање на посебен истражувачки центар во Собранието, поврзан и со академската заедница, по примeрот на европските парламенти и Конгресната библиотека во САД, кој директно би ги снабдувал пратениците со квалитетни и непристрасни истражувачки студии неопходни за законодавна и надзорна активност. Во оваа насока треба да се споменат и средставата кои Собранието започна да ги одвојува за ангажирање на асистентите за поддршка на канцелариите за контакт на пратениците со граѓаните.

Со основањето и активностите на Буџетскиот совет на Собранието, односно со финансиската поддршка која во континуитет ќе се обезбедува очекувам капацитетот на пратениците и Парламентот во целина да се оптимализира.

Истражувачката база и капацитетот на Собранието за активно учество во законодавниот процес ќе бидат збогатени и со вмрежувањето со истражувачки ресурси на Владата и министерствата кои ќе бидат достапни преку интернет до секој пратеник во рамките на Е-Парламентот.

Со создавањето на основните претпоставки за истражувачка работа се отвораат можностите за активно учество на Собранието на Република Македонија во Глобалната законодавна информативна мрежа (ГЛИН) и соодветната истражувачка соработка со Конгресната библиотека на САД.

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на Комисијата за поддршка на демократијата на Претставничкиот дом на САД, на Амбасадата на САД, (а тука се УСАИД и НДИ) како и на другите амбасади во Република Македонија за досегашната соработка и донации на книги и стручни публикации и очекувам оваа соработка да се продлабочи.


Ви благодарам 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.