Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 05.03.2009

Обраќање на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во Народното Собрание на Република Бугарија

Почитуван претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, господин Георги Пирински,
Уважени пратеници,
Екселенции, дами и господа,

За мене е голема чест што имам можност од говорницата на највисокиот демократски законодавен дом на Република Бугарија да се обратам до вас, легитимни претставници на граѓаните на Република Бугарија. Таа чест и задоволство, но истовремено и одговорност е уште поголема ако се има предвид фактот дека Република Македонија и Република Бугарија се соседни пријателски држави кои имаат високо развиени политички, економски и културни врски, па се до оние секојдневни обични човекови односи кои ги имаат воспоставено нашите граѓани.

Тргнувајќи од овие факти кои не се од вчера туку имаат длабоки историски корени сакам да истакнам дека Република Македонија од своето осамостојување во надворешната политика како константа ги има дефинирано добрососедските односи со сите држави во регионот. Односи кои треба постојано да се развиваат и надградуваат, но истовремено да ги почитуваат разликите и специфичностите, националните и културни, верски или кои било други, бидејќи тоа се денеска основните стандарди на демократијата.

Токму затоа дозволете ми на самиот почеток да потсетам на зборовите на мојот уважен колега, господинот Георги Пирински изречени пред една година во неговото обраќање пред Собранието на Република Македонија: ,,Многу е важно да прекинеме со стереотипите од минатото, со рецитирање на пропаганда преку зборови на омраза што понегогаш се случува и во некои изјави кои ја подриваат атмосферата на почитување,, (затворен цитат).

Овие размислувања, почитуван претседателе на Народното Собрание на Република Бугарија, господине Пирински, јас ги споделувам во целост, бидејќи тие се во интерес и на Република Македонија и на Република Бугарија, но и за целиот регион. Бидејќи токму вакви стереотипи , непочитувања на разликите и зборовите на омраза ги имавме многу во историјата на балканските народи, па затоа и не не изненадува што до вчера за Балканот имаше синоним ,,Буре барут,,. Но само од историјата, која ние кои живееме на Балканот ја продуциравме повеќе отколку што можевме да ја консумираме, не се живее во денешниот свет на глобализацијата.

Токму затоа Република Македонија со целосен политички  консензус и огромна поддршка од граѓаните се определи за евроатлантските интеграции, односно за членство во НАТО и Европската унија. Ние добро знаеме дека за остварувањето на ова не е доволно само да се изрази желба, туку потребно е да се исполнат многу конкретни задачи, реформи, односно да се исполнат критериумите за полноправно членство во евроатлантските интеграции. Република Бугарија, која денеска е членка на Европската унија и НАТО, овој пат  успешно го помина. Верувајте, кај нас овој факт беше прифатен со големо задоволство, но и поттик и Република Македонија тој пат успешно да го помине и со помош на нашите пријатели меѓу кои Република Бугарија да станеме членка на Европската Унија и НАТО.

Вие знаете дека Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО. Но, исто така сите знаеме дека Република Македонија денеска не е членка на НАТО само заради апсурдниот спор околу нашето уставно име кој го наметна нашиот јужен сосед. Но, колку оваа непринципиелност на една членка на НАТО и Европската унија која е во спротивност и на темелните документи на овие асоцијации за нас беше горчлива, ние и понатаму ќе продолжиме преку преговорите, кои се водат во рамките на ОН да се изнајде компромисно решение. Решение кое истовреме нема да задира во националниот идентитет на македонскиот народ.

Исто така, сакам да истакнам дека Република Македонија ќе продолжи активно да учествува во мировните мисии ширум светот давајќи свој придонес во зачувувањето на светскиот мир.

Почитуван господине претседателе, дами и господа,

Република Македонија и нејзините граѓани заедно со другите држави и народи од овој регион, гледано историски, културно па ако сакате и цивилизациски, припаѓаат на големото европско семејство. Собранието на Република Македонија како највисок законодавен дом ја чувствува и ја остварува својата одговорност кога станува збор за нашето приближување и вклучување во Европската унија. Убеден сум дека на тој пат ние можеме многу да научиме и од вашето искуство како парламент. Затоа во оваа пригода би сакал од говорницата на овој законодавен дом да апелирам и да ги повикам пред се, пратениците на двата парламента, членови на групите за пријателство да ја интезивираат и понатаму да ја развиваат соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Народното Собрание на Република Бугарија. Тоа верувам ќе биде поттик за уште поголема соработка и на другите институции на двете држави и секако бизнис заедниците на Република Македонија и Република Бугарија. Таква соработка која ги опфаќа сите полиња, верувам е во интерес на двете држави, но и на целокупната соработка во регионот. А регионаланата соработка денеска е еден од основните европски принципи и стандарди и дел од надворешната и безбедносна политика на Европската унија.

И кога веќе зборувам за европските стандарди и определби сакам да истакнам дека Република Македонија, како држава кандидат продолжува со остварувањето  на своите задачи и исполнувања на обврските кои ќе не доведат до полноправно членство во Европската унија.

Како што знаете на крајот од месецов кај нас ќе се одржат претседателски и локални избори, избори кои мора да поминат во фер и демократска атмосфера. Јас сум убеден дека така и ќе бидат, бидејќи, верувајте, сите политички партии и лидери се свесни дека во спротивно ќе изгубиме сите. Тоа е наша обврска до граѓаните на Република Македонија, но и наша обврска до меѓународната заедница и нашите пријатели меѓу кои Република Бугарија има посебно место.

Истовремено како што Европската унија и нејзините институции очекуваат да продолжиме со реформите да имаме фер и демократски избори, сакам да истакнам дека и ние како политичари кои сме одговорни, но и граѓаните на Република Македонија, очекуваат по изборите кои верувам ќе бидат според демократските стандарди и Брисел да ги исполни нашите очекувања. Во прв ред тоа е укинувањето на визите за граѓаните на Република Македонија и секако до крајот на годинава да го добиеме датумот за отпочнување на преговорите. Јас верувам дека Бугарија како наш сосед и пријател а истовремено и членка на Европската унија преку своите претставници во европските институции ќе продолжи принципиелно да не подржува во остварувањето на оваа наша стратешка определба.

Почитуван претседателе, дами и господа пратеници

Живееме во свет во кој глобализацијата станува наше секојдневие и ги опфаќа сите сфери на нашето живеење и работење. Во овие процеси на глобализација секојдневно се соочуваме со многу предизвици, но сепак мислам дека најголем предизвик е, како да се обезбеди сопствена безбедност, притоа не мислам само на одбранбената, понатаму како да се остварат своите интереси, но во исто време да се обезбедат безбедноста и интересите на соседите, на регионот и пошироко. Секако одговорноста за ова е пред се на политичарите, на нас народните избраници, кои овде ги артикулираме интересите на нашите граѓани и кои донесуваме закони но и на другите општествени структури од невладиниот сектор до медиумите. Токму сега сите се среќаваме со проблемите од светската економска криза, а од неодамна сите ги чувствуваме последиците и од енергатската криза, односно проблемите со испораката на гасот. Нормално е секоја држава, поаѓајки од своите специфичности и интереси, да донесе соодветни мерки за надминување на економската криза. Но тие решенија и мерки, барем така не учат економските експерти, треба да ги надминуваат државните граници и националните економии.

Почитувани,

Верувам дека во тие рамки посебно место има реализацијата на регионалниот, но истовремено европскиот проект познат како ,, Коридор 8,, кој опфаќа сообраќајна, телекомуникациска и енергетска поврзаност на Црно Море со Јадранско, односно целосна инфраструктурна поврзаност на Република Бугарија, Република Македонија и Република Албанија. Ние како парламенти навистина не управуваме со националните буџети, тоа е работа на владите. Но, како парламенти кои го изгласуваме буџетот можеме да ги поттикнеме нашите влади да започнат со реализација на Коридорот 8. За ова неодамна разговарав со почитуваната претседателка на Парламентот на Република Албанија, госпоѓа Јозефина Топали, а исто така почитуван претседател Пирински за оваа наша заедничка иницијатива и вие разговаравте со госпоѓа Топали, а ние разменивме и неколку писма. Тоа што сакам и сега да го истакнам е дека сите тројца се сложивме дека Коридорот 8 ни е потребен и дека како парламенти ќе преземе конкретни чекори.

Следните чекори од оваа значајна регионална иницијатива треба да се конкретизираат од нашите влади во идните буџетски проекции, и се надевам, со силна финансиска поддршка и разбирање од страна на ЕУ.

Исто така, сакам да ве известам дека и претседателот на законодавниот дом на италијанската Република, господинот Фини изрази подготвеност и тој да ни се приклучи во оваа наша иницијатива. А, исто така, сум убеден дека оваа наша иницијатива за започнување на реализацијата на Коридорот 8 ќе биде вистински поттик и за стопанските субјекти и бизнис сферата не само во нашите држави, туку и пошироко.

Кога веќе ја споменав економијата и економската соработка сакам да истакнам дека Владата на Република Македонија и Собранието, поаѓајќи од нашите уставни надлежности, создадовме правна основа и вистинска бизнис клима која е привлечна за странски инвестиции. Истовремено сакам да истакнам, а и да ги повикам инвеститорите од вашата држава да дојдат и верувајте ние не се плашиме од било кои странски инвеститори, а најмалку од нашите соседи, бидејќи ако не друго добро се познаваме.

Господин претседателе, дами и господа

За билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија би можело многу да се зборува, но сакам уште еднаш да истакнам дека кај нас и уште како ја цениме принципиелната поддршка која доаѓа од ваша страна. Убеден сум дека оние стереотипи кои се присутни полека, но сигурно, одат во историски заборав. Фактот дека неодамна во Република Бугарија во официјална посета беше претседателот на Република Македонија, господинот Бранко Црвенковски, пред тоа во Република Македонија беше премиерот на Владата на Република Бугарија, господинот Сергеј Станишев, а денеска јас имам чест и задоволство да се обратам во овој високо ценет законодавен дом, доволно  зборува за развиените билатерални односи.

Денеска пред нас како парламенти веќе не е предизвик како да воспоставиме добри билатерални односи, како да воспоставиме и да градиме доверба, туку за нас е предизвик како сето ова да го развиваме со нови квалитетни форми и како оваа позитивна атмосфера и енергија да ја прошириме на целиот регион. Тоа од нас го бараат нашите граѓани, тоа е наша обврска за идните генерации, тоа е наша одговорност пред Европа и меѓународната заедница во целост.

Ви благодарам на вниманието

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.