Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Среда, 23 септември 2009 година

Обраќање на претседателот на Собранието Вељаноски на презентацијата на наставната програма и обуките на Весминстер Фондација во рамките на проектот зајакнување на капацитетите на Собранието на Република Македонија

Ваша екселенцијо,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на собраниската служба,

Имам задоволство да се обратам и осврнам на досегашната соработка токму една година по започнувањето на тригодишниот проект меѓу Собранието и Вестминстерската фондација за демократија.  

Во овој контекст, веднаш на самиот почеток, би сакал да ги набројам досегашните позначајни заеднички активности, и тоа:
·       тридневната симулација на работата на собраниските работни дела и законодавниот процес во согласност со новиот Деловник за работа на Собранието;
·       четирите работилници на теми работата на пратеничките групи, работата и надзорот на комисиите, евалуација,  парламентарни ресурси и истражување меѓу пратениците од Собранието (координатори, заменици координатори и претседатели на комисии) и пратеници од парламентите на Велика Британија и Шкотска и претставници од сестринските партии од Велика Британија;
·       двете студиски посети во Британскиот и Шкотскиот парламент во декември 2008 и јули 2009 година за координаторите на пратеничките групи и претседателите на комисиите;
·       четирите процени на капацитетите за обука на Собранието со програмските партнери од Македонија и
·       двете мисии за процена на човечките ресурси во Собранието со цел за развој на стратегијата за раководењето со човечките ресурси и развој на способностите за менаџирање на раководните лица во Собранието.

Во периодот до март 2010 година не очекува уште поинтензивна агенда и динамика за работа при што во фокусот на активностите ќе бидат обуките со службениците во Собранието, но исто така и две работилници со пратениците.
Според заедничката агенда, која може да ја видите во проспектот на курсеви, Фондацијата заедно со програмските партнери од Велика Британија и Република Македонија до март 2010 година ќе организира вкупно 36 дена обука на која е предвидено да учествуваат над 150 пратеници, собраниски службеници и новинари.    

Поминавме интензивен процес на институционални и законски реформи, а ни претстои сложена законодавна активност на хармонизација со европското право. Но за да не се повторуваат определени слабости ни е потребна висока законодавна конзистентност и следење на нивната имплементација. За непречено и активно одвивање на овој процес е потребно постојано надоградување на внатрешните потенцијали и капацитети. 

 Сметаме дека наведените заеднички обуки организирани од реномирани партнери од Велика Британија ќе придонесат за значително зголемување на капацитетот на Собранието на Република Македонија. Во периодот од март 2010 до март 2011 година очекуваме уште поинтензивна заедничка работа и продолжување на обуките за службениците се со цел за подигање на капацитетот на Собранието за да можеме да одговориме на предизвиците на европската интеграција.

Неодамна го донесовме Законот за Собранието на Република Македонија каде што вградивме силни нормативни претпоставки за зајакнување на парламентарните капацитети. Со неговата примена очекувам конкретно зајакнување на улогата на Парламентот во рамките на поделбата на власта, концепт за кој заеднички се заложивме уште на Конференција во Вилтон Парк.

Со неговото донесување уредивме повеќе значајни прашања, нормирајќи ги покрај нашите добри практики и оние кои се присутни во функционирањето на современите парламенти. Станува збор, пред сe, за прашањата кои се однесуваат на зајакнатата тимска работа и координација на пратеничките групи; парламентарниот надзор со кој би се следела примената на законите; активната претставничка улога на пратениците преку остварените контакти со граѓаните во изборните единици; востановената финансиска автономија и зајакнувањето на стручната поддршка на пратениците, како и потребата за постојано унапредување и одржливост на вкупните законодавни и контролни капацитети на Собранието.

Зајакнувањето на контролната улога на Собранието во делот на следењето на имлементацијата на законите е мошне значајна за утврдување на применливоста на донесените закони и евентуалните потреби од нивно изменување и дополнување. Исто така, целните групи на граѓани кои се опфатени со донесените закони на парламентарните надзорни расправи би можеле да дадат повратни информации за степенот на применливост на законските одредби и степенот на остварување на очекуваните придобивки од примената на законите.

Јакнењето на капацитетот на пратениците за учество во законодавниот и надзорниот процес, секоја година постепено се засилува со соодветни човечки и материјални ресурси. Реализирани се повеќе од половината  од 70-те планирани вработувања, за периодот од 2008 до 2011 година, во рамките на Националната програма за пристапување кон Европската унија. Со формирањето на Парламентарниот институт во рамките на донацијата и соработката со Швајцарската агенција за развој, пратениците ќе имаат можност да добиваат квалитетни и неутрални истражувачки анализи. Исто така, со Законот за Собранието е предвидено од почетокот на идната година соодветно ангажирање на асистенти за поддршка на работата на пратеничките групи.  

Во делот на зајакнувањето на ефикасноста и транспарентноста во нашето работење може да се издвојат следниве активности:
-      во тек е воведувањето на е-парламент во Собранието, во кој се инвестирани значајни средства (поделени се преносни и канцелариски компјутери на сите пратеници и на значаен дел од Стручната служба во Собранието),
-      инсталирана е нова техничка опрема - замена на камерите во пленарната сала и набавка на нови камери со кои се опслужуваат комисиските сали за непречено вршење на преноси и
-      го поврзавме Собранието со Македонската радиодифузија со оптичка врска и го префрливме аналогниот во дигитален сигнал, со што значително го подобривме квалитетот на преносите од Собранискиот ТВ канал, како и можностите на гледачите за аудио следење на седниците.

Технички го зајакнавме Собранискиот прес центар и дизајниравме нова веб страница.

Го реализираме и проектот Собраниска библиотека. Реновираната сала во која денес работиме има двофункционален карактер, во неа е сместена и библиотеката и се одржуваат јавни расправи и комисиски седници, за што е опремена со современ конференциски систем и ТВ систем за директни преноси. Во тек е примената на соодветен софтвер за библиотечно евидентирање на публикациите со кои располага Собранието. Треба да се истакне дека постојано пристугнуваат разни донации на книги. Досега се добиени донации од неколку амбасади, меѓународни организации и од Владата на Република Македонија (од програмата за превод на значајни светски наслови), а кон крајот на минатата година Собранието самото набави книги во висина од 1 милион денари. 

Почитувани,
Наведените бројни активности насочени кон востановување на модерно европско Собрание, кое постепено станува добар пример за успешна трансформација и тековно функционирање и за другите институции во земјава, но очекувам и за парламентите во регионов, морам да подвлечам и да афирмирам дека е заедничко остварување, како резултат на една тимска атмосфера и координираност која ја има привилегијата да има значителна поддршка на нашите пријатели од меѓународната заедница.      

Благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.