Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 3 декември 2009 година

Обраќање на Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност

Почитуван ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј"
Почитуван декан на Филозофскиот факултет,
Почитуван министер,
Почитуван раководител на Институот за дефектологија,
Професори и студенти,
Дами и господа,

Од 1992 година, според одлуката на Обединетите нации, 3 Декември се одбележува како Меѓународен ден на лицата со инвалидност. Денеска ширум светот тој се одбележува преку најразлични манифестации, но со единствена цел за уште еднаш да се потсетиме дека нашите сограѓани со инвалидитет се тука меѓу нас, дека тие се рамноправни граѓани како другите, а ние сме должни да им обезбедиме посебни услови за да можат нормално да го живеат својот живот и да се вклучат во сите сфери на општественото живеење.

Во човековата историја, за жал, имавме и периоди кога лицата со инвалидитет беа дискриминирани и тоа на најгруб начин. Токму затоа, Обединетите нации, но и другите меѓународни организации и асоцијации, донесоа повеќе меѓународни документи (конвенции и резолуции) кои обврзуваат на целосна рамноправност на овие лица и кои денеска се дел од правниот систем во скоро сите држави во светот, а меѓу нив и Република Македонија.

Почитувани,
Законската регулатива сама по себе не е доволна ако сакаме на овие наши сограѓани да им обезбедиме нормално живеење и целосно вклучување во сите пори на општеството, а тоа можеме да го направиме пред сè преку образовниот систем, преку кој лицата со ивалидност ќе го добијат потребното знаење за да можат рамноправно со сите други да се вклучат во нашето секојдневие. И токму Институтот за дефектологија, кој веќе 15 години опстојува во рамките на Филозофскиот факултет, е таа институција која образува кадри кои директно се вклучени во клиничкиот едукативен и воспитно-образовен процес и рехабилитација на лицата со инвалидност кај нас.

Искрено, мислам дека вашата професија како дефектолози и вашата работа е една од најблагодарните професии. Вие во вашиот секојдневен професионален ангажман најчесто работите со нашите  најмлади сограѓани на кои им се потребни посебни образовни програми за да можат веќе на самиот почеток да ја совладаат образовната програма, а и самодовербата дека нивната инвалидност не е пречка да ги стекнат и највисоките образовни степени или други професии со кои ќе можат во целост да се вклучат во нормалното живеење, односно да обезбедат квалитетен живот и да дадат придонес во развојот на општеството.

Во овие 15 години, Институтот за дефектологија со своето работење се потврди како значајна образовна и научна институција која дава незаменлив придонес во целокупните процеси на општествената културна и економска интеграција на лицата со инвалидност во нашето општество. Верувам дека и понатаму ќе продолжите во таа насока, образувајќи кадри според сите научни достигнувања на полето на дефектологијата.

Секако, своја одговорност за целосна интеграција на лицата со инвалидност има и државата односно државните институции, вклучувајќи го и Собранието на Република Македонија. Само да потсетам, неодамна го донесовме и Законот за употреба на знаковниот јазик, со кој во голема мера им се олеснува секојдневното комуницирање на лицата со оштетен слух, како со државните институции, така и во другите полиња од секојдневниот живот на овие наши сограѓани. Секако, не смее да се заборави и улогата на невладиниот сектор кога станува збор за остварување на правата на лицата со инвалидност. 

Почитувани,
Вие денешниот Меѓународен ден на лицата со инвалидност го нарекувате Ден на отворени насмевки, искрени чувства, љубов и грижа. Повикувам сите ние да направиме овој ден да трае 365 дена. Уверен сум дека токму тие вредности на сите ни се потребни.

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.