Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Понеделник, 7 септември 2009

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски на приемот по повод Денот на независнота на Република Македонија 8 септември

Почитуван претседателе на Република Македонија, г-н Ѓорге Иванов
Почитуван претседателе на Владата на Република Македонија, г-н Никола Груевски
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Почитувани претставници на верските заедници,
Ваши екселенции, дами и господа, драги пријатели,
Осми септември 1991 година заедно со двата Илиндена претставуваат три датуми во историјата на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија кои се тесно поврзани со вековните стремежи, борби и сонувања за самостојна држава.

На Осми септември 1991 година, овие стремежи и сонувања се заокружија со прогласувањето на резултатите од референдумот кога над 95 насто од граѓаните се определија за самостојна и суверена Република Македонија. 

Денеска кога ја одбележуваме осумнаесетгодишнината можеме со задоволство, па и гордост, да кажеме дека  Република Македонија е суверен и самостоен меѓународен субјект, член на сите меѓународни организации. Направени се коренити реформи во сите сфери. Но, она што е најважно, воведен е правен поредок кој се темели врз човековите права и слободи и принципите на политичкиот плурализам и приватната сопственост и пазарната економија, како основа на секое  демократско општество. 

Создадено е солидно цивилно општество кое се темели врз граѓанинот и неговиот интерес. А токму во овој Собраниски дом е донесен  Уставот на Република Македонија, како највисок правен акт кој ја одредува државотворноста и врз кој се темели целокупната легислатива за што, во оваа пригода им изразувам посебна благодарност на пратениците од првиот парламентарен состав.

Почитувани пријатели,

Човечки е да се сонува и да се има стремежи и определби. Ако во минатиот век тоа беше државотворноста и самостојноста,  во 21 век нашите стремежи, определби и сонувања се кон некои политички, историски и културни вредности на кои во суштина секогаш сме им припаѓале, а тоа е  Европа, односно членството во Европската унија и НАТО.

Денеска кога одбележуваме 18 години од нашата самостојност, верувам дека сме многу поблиску до остварувањето на овие наши определби. Од страна на Европската комисија добивме препорака за визната либерализација односно за укинувањето на шенгенскиот ѕид, кој за нашите граѓани беше  повисок и од оној берлинскиот. А тоа го заслуживме затоа што ги усвоивме и имплементиравме сите оние стандарди и препораки кои се денеска дел од правниот систем во државите членки на Европската унија. 

Почитувани дами и господа,

За нешто повеќе од месец дена во Брисел ќе биде објавен извештајот за напредокот на Република Македонија. Собранието на Република Македонија, како законодавен дом, но и како столб на парламентарната демократија ги усвои сите оние потребни закони кои беа наведени во препораките на Европската унија. Затоа со право сите ние и како политичари и како граѓани очекуваме во извештајот да добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Притоа, сакам да истакнам две димензии.

Реформите кои ги правиме  не треба да се сфатат како нешто наметнато однадвор, туку како наша определба за држава во кое ќе владее правото, демократијата и човековите права и слободи, професионална државна администрација, односно држава во која македонскиот граѓанин ќе ги ужива истите стандарди кои денеска ги има европскиот граѓанин. 

Тргнувајќи од ова очекуваме Европската комисија  нашите резултати да ги вреднува токму според тие стандарди и принципи. Не треба да потсетувам што ни се случи во Букурешт на последниот самит на НАТО. Но затоа верувам како што веруваат  над 90 насто од граѓаните на Македонија дека токму тие стандарди европските институции ги почитуваат и според нив ќе го оценуваат напредокот на Република Македонија. Јас сакам да веруваме дека и нашиот јужен сосед тргнувајќи од својата демократска традиција ќе ги почитува европските стандарди и критериуми и нема да се повтори Букурешт, бидејќи нашето приближување и членството во ЕУ е во интерес како на Македонија така и за  целиот регион.  

Почитувани пријатели,

Дозволете ми на крајот на сите вас и на граѓаните на Република Македонија да им го честитам Осми септември, верувајќи дека и понатаму ќе продолжиме да сонуваме, но и дека силно и ефикасно ќе работиме за европска Македонија.

Неки ни е честит и вечен Осми септември

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.