Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Пелинце, 2 август 2009 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски по повод одбележување на 65 години од асном

Уважени борци, учесници на антифашистичката борба,
илинденски потомци и следбеници,
Почитувани претставници на Македонската Православна Црква и на другите верски заедници, 
Дами и господа, екселенции,
Почитувани претставници на Владата на Република Македонија,
Почитувани претставници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани претставници на локалната самоуправа, 
Драги пријатели,

Денеска ги славиме двата илиндена. Оној од 1903 година на Гоце, на Никола Карев, на Ѓорче Петров, на Питу Гули и вториот Илинден од 1944 година  на Ченто, на Рацин, на Брашнаров, на Кузман. Ако првиот Илинден беше израз на македонскиот непокор, вториот Илинден ја донесе победата.

Два датума кои ги поставија темелите на македонската држава  и кој го остварија сонот на многу генерации. Сонот кој на 8 септември 1991 година се заокружи со создавањето на независна суверена Република Македонија, легитимен и препознатлив меѓународен субјект и членка на Обединетите нации.

Пред 65 години  во манастирот "Свети Прохор Пчински", отворајќи го првото заседание на АСНОМ Панко Брашнаров - учител од Велес и современик на првиот Илинден ќе рече:

"Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински" и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава"(завршен цитат).

Пред 65 години делегатите на Првото заседание на АСНОМ собрани од целата татковина, од сите социјални слоеви од различни вери и националности со донесувањето на повеќе одлуки и документи го конституираа АСНОМ како врховен законодавен, извршен и претставнички орган на демократска Македонија како рамноправна федерална единица на федеративна Југославија. 

Во тие документи превејува духот на првиот Илинден од 1903  година. А тоа е вековниот стремеж за самостојна држава на македонскиот народ за неговата национална, културна и јазична самобитност, но и држава на сите граѓани без разлика на вера или националност.

Во духот на Крушевскиот манифест и во документите на АСНОМ јасно се дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава. Со ова македонскиот народ, како и во далечната 1903 година, го потврди својот космополитски дух и својата отвореност, толеранција и почит до другиот, различниот. Впрочем таа вредност ја потврдивме и 1991 година и во Уставот на денешна Република Македонија.

Во документите на АСНОМ јасно е дефинирано правото на самобитност втемелено врз принципите на самоопределување. И дозволете да истакнам уште една димензија со антифашистичката борба и одлуките на АСНОМ македонскиот народ се вбројува во онаа група на народи кои го победија најголемото зло во минатиот век, фашизмот.

Почитувани пријатели,

Ова се моменти кога со гордост се сеќаваме на нашите предци на сите оние кои со своите животи се вградија во денешна Република Македонија. Ова се моменти во кои се навраќаме на минатото, но со поглед кон иднината и со чувство за одговорност да не ги изневериме нивните идеали.

Ако во далечната 1903 година илинденците сонуваа за самостојна и независна Македонија денеска ние тоа го живееме. Ако на првото заседание на АСНОМ беа поставени темелите на македонската држава, ние денеска треба да ја надградуваме и развиваме. Само така можеме да останеме верни на идеалите на сите оние познати и непознати, само така можеме да ја исполниме нашата одговорност за идните генерации.

Денеска предизвиците кои стојат пред нас се различни од оние пред кои стоеле Делчев, Карев, Ѓорче Петров, или Ченто, Кузман, Брашнаров, Мирче Ацев и други. Нас денеска не ни треба пушка туку ни треба, пред с?, посветеност во работата, одговорност, знаење, но да не го заборавиме и единството. Ова е посебно важно кога станува збор за остварувањето на нашите стратешки определби,  а тоа се евроатлантските интеграции.

Сите знаеме дека Република Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО, како што сите знаеме дека поканата не ја добивме заради апсурдниот спор со нашето уставно име кој го наметна нашиот јужен сосед.

Иако не сме членка на НАТО, Македонија и понатаму останува вистински партнер на Алијансата и многу сериозно и одговорно го дава својот активен придонес во повеќе мировни мисии на НАТО и меѓународната заедница. Само да го споменам Авганистан до неодамна Ирак, потоа Босна и Херцеговина и така натаму. Сите треба да бидеме горди на нашите војници кои учествуваат во овие мировни операции, бидејќи мирот е неделива категорија и затоа се чувствуваме одговорни тој мир да биде зачуван и да  завладее во целиот свет.

Браќа и сестри,

Република Македонија, чувствувајќи одговорност за стабилноста во регионот, но и пошироко, за иднината на своите граѓани, прифати под покровителство на Обединетите нации да преговара за овој апсурден спор за изнаоѓање на соодветно решение. Притоа  сакам посебно да истакнам дека тоа решение не може да задира во националниот, културниот или јазичниот идентитет на македонскиот народ. Верувам дека околу ова имаме единство меѓу сите политички субјекти, како и во целокупната македонска јавност независно од етничката или верската припадност на секој поединец. Ниту  оваа Влада и ова парламентарно мнозинство немаат мандат од вас граѓаните на Република Македонија да преговараат за македонскиот национален идентитет. Тоа би било вистинско предавство и на првиот и на вториот Илинден. Тоа би било откажување  од идеалите на сите оние кои на Мечкин Камен ги дадоа своите животи. Тоа би било предавство на споменот на сите оние антифашистички борци кои ги положија своите животи во Февруарскиот поход, Дебарца, Сремскиот фронт, па с? до завршните борби против фашистичкиот окупатор. Тоа би било предавство на Ченто, Брашнаров и на многу други кои заради илинденските определби и вредности подоцна беа осудувани, а многу од нив и трагично ги завршија своите животи. Но на крај тоа би било предавство и на нашите деца и на идните генерации, бидејќи ние немаме друга татковина освен оваа Македонија, бидејќи ние имаме само еден мајчин јазик, а тоа е македонскиот.

Почитувани пријатели,

Сепак во остварувањето на нашите стратешки определби имаме позитивни резултати. Сите знаеме дека од јануари идната година македонските граѓани ќе можат без визи да патуваат во Европа. Со оваа визна либерализација и за македонските граѓани се сруши еден ѕид, можеби повисок од оној во Берлин. Слободниот проток на луѓе е универзална вредност која ете сега и нашите граѓани, посебно младите, ќе можат да ја уживаат како и нивните врсници од Европа. Исто така, верувам дека до крајот на годинава ќе добиеме и датум за отпочнување на преговори со Европската унија.

Сето ова покажува дека знаеме и можеме да ги воспоставиме европските стандарди и дека со право очекуваме и како политичари, но и како граѓани од страна на Европската комисија нашите резултати правилно да се вреднуваат.

Притоа сакам да истакнам една друга димензија на нашата посветеност за полноправно членство во ЕУ  и НАТО.

Реформите кои ги правиме не треба да се сфатат како некакво барање на Брисел, туку станува збор за реформи кои обезбедуваат услови за подобар живот, за подобри економски резултати, за подобра иднина на нашите деца овде во татковината.

Зарем демократијата, правната држава, борбата против корупцијата и организираниот криминал, независно судство, ефикасна администрација, квалитетно јавно здравство, квалитетен образовен систем, не се принципи и вредности кои обезбедуваат подобра сегашност и поубава иднина.

Само така можеме да бидеме рамноправни со другите народи, само така можеме достоинствено и со исправен ’рбет да бидеме граѓани на Европа. Токму затоа, како политичари кои од вас, граѓаните на Македонија, сме добиле мандат тие реформи да ги спроведеме, одговорно работиме на остварувањето на тие наши стратешки определби.

Денеска во многу од наведените сфери постигнавме добри резултати. Еве само неколку примери, воведување на задолжително средно образование, успешност во борбата против корупцијата и организираниот криминал, конкретни проекти во јавното здравство и така натаму.

Дали би можело тоа да се направи подобро. Одговорот е секогаш да, но истовремено треба сите да се прашаме колку како поединци сме направиле тие реформи да бидат поуспешни. На крајот дали една влада работи добро или не се верификува на изборите и токму тоа е основниот принцип на парламентарната демократија, но секој од нас треба самиот да се праша и да си го вреднува својот придонес за сегашноста и иднината.

Друга константа, која произлегува уште од Крушевскиот манифест, како и во документите на АСНОМ, се стабилноста и хармонијата во меѓуетничките односи и соживот, врз темелите на меѓусебна толеранција, почит и спроведување на Рамковниот договор. И тука постигнавме крупни резултати, но сите треба да бидеме свесни дека меѓуетничките односи се динамична категорија која постојано треба да се негува и надоградува.

Би сакал овде да потсетам и на уште една константа која е присутна и во двата илиндена, а тоа се добрососедските односи. Република Македонија секогаш се заземала за високо развиени односи и тоа на сите полиња со нашите соседи, па и пошироко во регионот. Денеска во современиот свет, во здружена Европа, тоа се принципот и вредноста кои мора да се почитуваат.

Само така можеме сите заедно да постигнеме стабилен мир во регионот, но во исто време и економски, културен и секаков друг развој и просперитет на секоја држава и на регионот во целина.

Дами и  господа,

Еден од најголемите предизвици со кој во моментов се соочува целиот свет е економската криза. Република Македонија, како субјект присутен во скоро сите светски економски текови, исто така, е зафатена со оваа криза. И за ова нема криење, туку одговорно, јасно, треба да се каже што се презема за ублажување од последиците кои ги носи светската економска криза како и мерките за нејзино надминување. Актуелната влада презема конкретни мерки за ублажување на последиците од кризата, како и за нејзино долгорочно надминување.

Имаме веќе и конкретни позитивни резултати во ублажувањето на кризата, на пример, банкарскиот систем во државата е стабилен, исто така и монетарната политика, а направивме и ребаланс на Буџетот и друго. За жал и за ова имаме појави кога кризата се користи за добивање некакви дневнополитички поени кои имаат краток здив, наместо критички, но во исто време конструктивни предлози, како што се случува во другите држави. Убеден сум дека сите заедно, Владата, Парламентот, Стопанската комора, односно целата бизнис заедница, експертските кругови, па и секој од нас како поединци можеме многу да направиме за последиците од светската економска криза да бидат помали и релативно побрзо да се излезе од неа.

Почитувани сограѓани,

Уште во Манифестот на Крушевската република се насетува, а во документите на АСНОМ јасно се поставени темелите поделбата на власта. Во овие 18 години на независност Собранието на Република Македонија се етаблира како вистински законодавен дом и храм на демократијата во кој се слеваат, артикулираат и остваруваат интересите на различни политички субјекти.

Во овие 18 години се донесени стотици и стотици закони со кои македонскиот законодавен систем се хармонизира со европскиот. Донесени се повеќе уставни амандмани меѓу кои и амандманите кои произлегуваат од одредбите на Рамковниот договор и денеска се составен дел на Уставот и правниот систем. Тоа што сакам посебно да го истакнам е фактот дека Собранието на Република Македонија се повеќе во своето работење се посветува на една друга димензија на парламентаризмот, а тоа е контролата врз извршната власт, односно спроведувањето на законите. 

Сето ова го правиме токму во функција на јакнењето на парламентарната демократија, а имајќи предвид дека ние седиме во Собранието со вашите гласови тоа значи и јакнењето на улогата на граѓанинот и артикулација на неговите интереси и проблеми.

Дами и господа,

Почитувани пријатели,

Денеска овде на Пелинце каде што симболично го одбележуваме вториот Илинден, а исто така и во историското Крушево, но и во целата наша татковина, повторно се потсетуваме на нашето минато. Од него верувам секогаш можеме да учиме за да можеме тие идеали, сонувањата на сите илинденци и понатаму да ги надградуваме. Ова се моменти кога сите ние, без разлика на нашата етничката или верската припадност, можеме со гордост да истакнеме дека ние сме нивни наследници и дека тоа историско сеќавање збогатено со нови вредности и нови квалитети им го оставаме на нашите деца и на идните генерации. Со тоа на најдостоинствен начин им оддаваме почит на сите оние познати и непознати илинденци кои своите животи ги вградија во денешна Македонија. Нивните битки и нивните победи сега треба ние да ги продолжиме и да ги зачуваме нивните идеали, но и да ги оствариме нашите определби и сонувања. Да станеме дел од големото европско семејство на кое и географски, историски и културно му припаѓаме и заедно со другите граѓани на Европа да ја носиме одговорноста за подобра сегашност и поубава иднина.

Затоа од ова место сакам да упатам повик до сите граѓани на Македонија заедно како што тоа го правеа нашите татковци, нашите дедовци да продолжиме да ја градиме Македонија како успешна, но вечна приказна во која демократијата, човековите права и благосостојбата ќе бидат наше секојдневие кое постојано ќе го развиваме и надоградуваме.

Ако Крушевскиот манифест завршува со повикот за Ура за автономна Македонија, ако во Манифестот на АСНОМ  Македонија е дефинирана како суверен субјект на федеративна Југославија  дозволете одовде сите да ја поздравиме европска Македонија.
Дозволете токму со тоа верување кое, убеден сум, сите го споделуваме, на вас присутни овде и на сите граѓани на Република Македонија да им го честитам 2 Август - Илинден и на сите да ви посакам лична среќа и здравје.

Нека ни е вечна нашата татковина Македонија

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.