Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


27.01.2009

Обраќање на претседателот Трајко Вељаноски на свечената Светосавска академија, МОБ

Дами и господа,
Екселенции,
почитувани пријатели, 

Навистина ми претставува големо задоволство вечерва, овде со вас како наши сограѓани, припадници на српската етничка заедница, да го споделиме големиот празник на српскиот народ ,,Денот на просветата,, со кој се одбележува датумот на спалувањето на моштите на Свети Сава во далечната 1594 година.

Но, како што не учи Библијата, телото може да се уништи, но духот и делата кои се темелат на Божјиот збор не можете да ги уништите. Тие стануваат дел од културното и националното наследство на еден народ, а со тоа и универзален дел на културното наследство на човештвото. А Растко Немањиќ, односно Свети Сава и неговите дела денеска се дел од тоа наследство на срспкиот народ, но и пошироко.

Драги пријатели ваквите свечени моменти се и добра пригода не само да се потсетиме и да оддадеме почит на нашите великани, туку можност да се осврнеме на сегашноста, но и да погледнеме и размислуваме за иднината. Верувам дека сите ќе се согласиме дека во Република Македонија тргнувајќи од уставните и законските решенија, обезбедени се највисоки стандарди кога станува збор за остварувањето на општите и посебните права на етничките заедници кои живеат кај нас како наши сограѓани. 

Исто така сум убеден дека човековите права, а во тие рамки и правата на националните заедници се динамична категорија која треба континуирано да се негува, развива и доградува.

Како тоа да го направиме? Јас мислам дека единствен пат е преку создавање на можности за артикулација на интересите и потребите, но и проблемите на сите нас како граѓани и како припадници на одредени етнички заедници. 

Собранието како законодавен дом и како основна институција на парламентарната демократија е токму тоа место каде што треба да се артикулираат тие интереси и во демократска процедура да се решат. Едно од тие решенија е и прогласувањето на денешниот ден 27 јануари, Ден на Свети Сава како неработен ден за припадниците на српската етничка заедница кај нас. Токму затоа размислуваме како да се обезбеди вистинска и квалитетна застапеност на помалите етнички заедници во Собранието на Република Македонија. Секако посебно внимание и грижа треба да се посвети на образовниот процес. На создавање услови за зачувување и развивање на својот културен и национален идентитет. Но тоа несмее да биде сватено ниту како некаков пример на гетоизација, ниту како ексклузивност, туку пред се како вистинска инклузивност. Односно создавање на вистинско гарѓанско и демократско мулиетничко општество во кое ќе се чувствуваме задоволни и како граѓани и како припадници на конкретна етничка заедница, но во истовреме и одговорни за нашата држава и одговорни за нашиот сограѓанин. 

Дами и господа,

Во овие години на самостојна и независна Репшублика Македонија припадниците на српската етничка заедница покажаа и докажаа дека се лојални сограѓани и даваат свој придонес во развојот на Република Македонија и тоа во сите сфери од општествениот живот. Исто така, српската етничка заедница кај нас, како и македонската во Република Србија, се оној мост преку кој ги градиме и разиваме добрососедските односи и тоа на сите полиња - економски, политички и културни, се до оние секојдневни човечки.

Република Македонија во надворешната политика секогаш ги имала добрососедските односи како своја константа. Таа определба, која сум убеден е во интерес како на Македонија, така и на Србија ќе ја продолжиме да  ја развиваме како во корист на своите граѓани, така и како наш заеднички придонес во стабилноста на регионот, кој барем до вчера сите го именуваа како ,,Буре барут,,.

Историјата, од која верувам сме научиле нешто повеќе од првата лекција, ни дава квалитетна основа овие добрососедски односи да ги развиваме.

Само така таа дефиниција ,,Буре барут,, ќе отиде во историскиот заборав и само на тој начин ќе можеме да ги остваруваме нашите стратешки определби, а тоа се евроатланските интеграции. 

Дами и господа,

За нешто помалку од два месеца во Република Македонија ќе се одржат претседателските и локалните избори. Верувам дека сите ние како граѓани, без разлика на националната или верската припадност, имаме демократски капацитет изборите да ги изведеме според европските стандарди.

Така ќе покажеме и докажеме дека и како држава и како поединци сме дел од големото европско семејство, бидејќи ние историски и културно припаѓаме таму.

Почитувани пријатели,

Токму затоа денеска кога го чествуваме големиот празник Свети Сава би требало сите малку повеќе, не само денеска, туку секогаш да го споменуваме неговото учење, но и учењето на светите браќа Кирил и Медодиј, на Свети Климент и ред други, бидејќи нивните дела се темелат на љубовта до ближниот и почитување на разликите на другите.

Само така нивните дела и учења ќе ги вградиме во нашето секојдневие и ќе ги пренесеме на нашите идни поколенија. 

Благодарам и нека Ви е вечна слава.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.