Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Вторник, 1 декември 2009 година

Изјава на претседателот и потпретседателите на Собранието на Република Македонија по повод одлуката за визната либерализација

Почитувани сограѓани,

Визната либерализација, односно слободниот проток на луѓе, е дел од индивидуалните човекови права и како такво треба да го гледаме. За 18 дена и формално за нашите граѓани ќе падне Шенгенскиот ѕид, а со тоа и македонските граѓани ќе можат без визи и без сите оние турканци пред амбасадите слободно да патуваат во Европа на која и припаѓаме цивилизациски и културно. Односно по 18 години еден од основните европски принципи ќе можеме и ние да го почувствуваме.

Секако заслугата за ова, како и за неодамнешниот позитивен Извештај на Европската комисија, е на вас граѓаните на Република Македонија и на вашата огромна поддршка за остварување на стратешката цел, а тоа се евроатлантските интеграции. Во исто време сакам да ја истакнам улогата на Собранието, како во овој мандатен период, така и во минатите кои ги донесоа оние специфични закони кои директно се однесуваат на визната либерализација. Притоа, морам уште еднаш да ја истакнам работата на сите нас кои сега седиме во Парламентот, бидејќи тоа што го сработивме беше оценето од страна на Евопската комисија како голем и квалитетен чекор напред во процесот на интеграција во ЕУ. За сето ова изразувам благодарност до сите пратеници и до потпретседателите на Собранието на Република Македонија, кои заедно со мене се одговорни за работата и успешното функционирање на законодавниот дом.

Почитувани,

Собранието на Република Македонија и понатаму со своето работење ќе продолжи во остварувањето на нашата евроатлантска определба, бидејќи се потврди дека законодавниот дом е локомотивата на нашиот европски воз. Сакам да истакнам дека ова го правиме не затоа што некој тоа го бара, туку пред сe во корист на сите нас кои живееме овде, бидејќи европските стандарди на сите полиња ќе треба да ги уживаме пред сe овде дома, а мислам дека се движиме во таа насока.

На крајот сакам на сите граѓани уште еднаш да им се заблагодарам за нивната поддршка, а во исто време да ги повикам сега кога ќе можат слободно да патуваат во Европа, од која било причина и повод, да им покажат на своите европски пријатели дека и ние сме дел од Европа.


 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.