Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


Четврток, 15 октомври 2009 година

Изјава на претседателот Вељаноски по примањето на Извештајот на Европска комисија за напредокот на Република Македонија од евроамбасадорот Фуере

Почитувани, 
Денеска амбасадорот на ЕУ, неговата екселенција Ерван Фуере и формално ми го предаде извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Содржината на извештајот е веќе позната.
Тоа што е најважно за сите нас, е фактот дека во извештајот Европската комисија многу децидно го утврдува напредокот на Република Македонија и препорачува да започнат преговорите со Европската унија.  

Почитувани сограѓани,
За овој успех на Република Македонија, искрено мислам дека најзаслужни сте вие, граѓаните на Република Македонија, кои сите овие години со огромно мнозинство од над 90 проценти давате поддршка на евроинтегративните процеси. Таа ваша поддршка ја олеснува работата на нас политичарите, но во исто време ја заострува и нашата одговорност. Исто така оваа поддршка покажува дека сите реформи кои ги правиме, јавноста, односно Вие граѓаните не ги сфаќате како нешто наметнато однадвор, туку како реформи кои обезбедуваат подобра иднина за сите нас.  

Имајќи ја предвид улогата на парламентот сакам да истакнам дека сите пратеници, сите пратенички групи, без разлика дали се од опозицијата или власта, без разлика на етничката припадност, многу одговорно и конструктивно работеа на остварувањето и имплементацијата на  одредниците кои требаше да ги реализираме. Затоа ја користам оваа прилика да изразам благодарност до сите колеги пратеници и нивниот придонес во процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија.

Секако морам да ја истакнам и улогата на нашите пријатели од меѓународната заедница, посебно на амбасадите и амбасадорите кај нас кои преку најразлични форми ни помагаат тој европски пат да го чекориме побрзо и поуспешно.

Почитувани новинари и претставници на медиумите,
Сакам да изразам и посебна благодарност до вас бидејќи вие и вашите медиуми сте онаа алка во синџирот без која не можат ниту да се замислат, а камоли да се развиваат демократските процеси.
Интегративните процеси во Европа од денешна историска дистанца ја потврдија неминовноста на овој процес, кој денес  не може никој да го запре. Затоа убеден сум дека Република Македонија, Собранието, Владата и сите други институции, но и сите граѓани по извештајот на Европската комисија многу поинтензивно и поодговорно ќе работат на нашето интегрирање во Европската унија. 

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.