Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


22.02.2009

Говор на претседателот Трајко Вељаноски пред Здружението на Хрватите во Република Македонија

Почитувани дами и господа,
Екселенции,
драги пријатели,

Навистина ми претставува големо задоволство денеска да сум со вас на вашето годишно Собрание на кое ги сумирате вашите резултати, но и ќе ги донесете вашите програми за во иднина.

Почитувани пријатели, хрватската етничка зедница во Република Македонија, ако гледаме само како бројка е помала во однос на другите етнички заедници, но голема по своите активности, а со тоа и многу препознатлива. Денеска, нашите сограѓани Хрвати се присутни во сите сфери на политичкиот, економскиот, културниот и спортскиот живот давајќи свој придонес во целокупниот развој на Република Македонија.

 Тоа што посебно сакам да го истакнам во оваа прилика е фактот дека вие од осамостојувањето на Република Македонија секогаш, и како поединци и како припадници на етничка заедница, покажавте максимална граѓанска лојалност, односно ја прифативте Република Македонија како ваша татковина.

Почитувани пријатели,

Ваквиот однос секако се должи на фактот дека македонскиот и хрватскиот народ имаат историски врски кои биле секогаш пријателски, а би рекол секогаш имале и заедничка цел, а тоа се националната и државната самостојност. Само да потсетам на некои од нив. За нас Македонците секогаш во нашето историско паметење ќе остане големиот хрватски црковен и духовен великан, бискупот Штросмаер, кој активно соработувал со браќата Миладинови. Вакви примери има многу и од времето кога двата народа живееја и во заедничка држава. Во овие години на самостојност морам да истакнам дека пријателските односи меѓу Хрватска и Македонија се во постојан подем и покрај билатералата тие имаат и регионален карактер.

Да потсетам на таканаречената Јадранска тројка во која беа Хрватска, Македонија и Албанија со цел за заедничко влегување во НАТО, како наша заедничка стратешка определба. Ние поради познатите апсурдни причини со нашето уставно име на Самитот во Букурешт не добивме покана. Но верувајте и покрај се, ние сме радосни и задоволни дека Хрватска доби покана и дека во НАТО утре ќе имаме уште еден вистински пријател. Дека тие пријателски односи се во постојан подем неодамна и мојот ценет колега и пријател претседател на Хрватскиот Сабор, господинот Лука Бебиќ го истакна во своето обраќање во Собранието на Република Македонија. Морам да потсетам и на неодамнешниот пријателски и принципиелен став на хрватската Влада, која не попушти на притисоците за некакви промени во однос на македонското малцинство кое живее во Република Хрватска.

Почитувани пријатели,

Токму вие како наши сограѓани, а во истовреме и припадници на хрватскиот национален корпус од една страна и хрватските граѓани, кои се дел од македонскиот народ, сте оној вистински и би рекол најцврст мост кој е бесконечно широк за да се развиваат сите други односи меѓу нашите две пријателски држави. Република Македонија посветува големо внимание на заштитата на етничките заедници. Посебно внимание посветуваме на помалите етнички заедници за да можат полесно и поквалитетно да ги артикулираат своите интереси и своите проблеми. Во таа насока одат и размислувањата за измени на Изборниот законик. Затоа сакам и денеска уште еднаш да истакнам дека Република Македонија, преку своите надлежни институции и понатаму во рамките на своите можности, ќе ги поддржува вашите активности, а посебно оние кои имаат за цел да го зачуваат и развиваат вашиот национален и културен идентитет.

Токму со таа желба му посакувам успешна работа на вашето Собрание и остварување на вашите планови.

Захваљујем на вашој позорности.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.