Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


29.09.2008

говор на претседателот по повод Свеченото стапување на должност на ново избраниот ректор професор д-р Велимир Стојковски

Почитувани високи претставници на МПЦ, Почитуван поглавар на МПЦ, г.г.Стефан,
Почитуван ректоре на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Велимир Стојановски,
Почитуван претседател на македонското собрание, г-дине Велјановски,
Почитувани министри и членови на Владата,
Почитуван претседателе на МАНУ, акдемик Георги Старделов,
Почитувани академици,
Почитувани проректори,
Почитувани декани и директори,
Почитувани студенти,
Уважени гости, 

Во денешниот современ свет постои општ консензус дека знаењето е темелна движечка сила во човековото општество и главен предуслов за успешноста.


Детектирајќи ја важноста на образованието како фундамент за нашиот развој и напредок, Владата на Република Македонија во изминатиот период навлезе во коренита и опсежна реформа на училишниот и образовниот систем. “Знаењето е сила, знаењето е моќ“ е слоганот со кој со полна доза на ентузијазам и верба, инициравме крупни проекти во образованието, чија крајна цел е сериозниот развој на оваа гранка, зголемување на капацитетот на знаење и секако севкупниот напредок на Република Македонија. Во функција на виталните образовни процеси, како и реформите и проектите кои ги започнавме, ги зголемивме буџетските средства наменети за образованието на 5,9 проценти од БДП, процент кој е поголем дури и од некои од земјите од ОЕЦД и Европската унија. Се ориентиравме кон континуирано и системско производство на знаење, вештини, и умствени капацитети, со јасна интенција, креирање на образовно и интелектуално моќна Република Македонија.

Огромна улога во овој процес, секако дека имате Виe, ценети професори и раководители на нашите високообразовни установи. Моќта на знаењето е пред се во моќта на луѓето кои оформуваат одреден поглед на светот, произведуваат нови објекти на знаење и акумулираат нови збирови на информации. Велат “ знаењето не е да знаеш, туку знаење е да знаеш да го пренесеш корисното знаење на друг“. Одговорноста е голема, затоа што е голема важноста да се пренесе богатството на знаењето на нашите млади, да се биде вајар на македонски умови, а со тоа и  конструктор на македонската иднина.

Универзитетот е најистуреното место каде што се произведува оваа моќ на македонските умови и знаењето. Оваа институција е расадник, каде треба напорно да работиме, квалитетно да посееме, за квалитетно да ожнееме. Она што на ова поле ќе изникне, на овој и на сите останати Универзитети, како интелектуален потенцијал, како поединци и генерации, тоа е нашата надеж и билет за успешна иднина.

Владата на Република Македонија, сосем свесни за моќта која ја произведува Универзитетот, има и сака да има добра соработка со Универзитетите, како државни, така и приватни. Целта на таквата соработка произлегува од самата концепција на знаењето како моќ. Моќ која нема да има негативна одредница на потчинување и исклучување, туку моќ која ќе овозможи зацврстување на демократијата и економски просперитет. Моќ која пред се ја вклучува етичката димензија, моќ која под еднакви услови ќе им биде достапна на сите.       

Почитувани,

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најстариот и најголем Универзитет во Република Македонија, Универзитет со најголем број на студенти. Ваквите епитети не носат само привилегија, туку и одговорност, затоа што најголемиот дел од идните професионалци во разни области се формираат токму тука. Кои вредности ќе ги поддржуваат, со какви компетенции, знаења и капацитет ќе излезат, зависи во огромна мера од целите и работата на Универзитетот. Улогата на Ректорот во овој процес е огромна, затоа што пред него стои комплексна задача да ги обедини сите човечки и материјалните ресурси, да направи Универзитет кој ќе биде посилен и со поголем капацитет, Универзитетот кој рамноправно ќе се вклучи во европскиот простор на високото образование.

Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, ќе ги поддржат сите процеси кои одат кон осовременување на студиските програми, меѓународната соработка, интердисциплинарното и мултидисциплинарното поврзување, отворањето на нови студиски програми за компетенции дефицитарни на пазарот на трудот, поддршка на релевантните научно-истражувачки проекти, како и сето она што ќе придонесе за подобрување на квалитетот во наставата и науката.       

Почитуван Ректоре,

       Дозволете ми на крајот да Ве поздравам и да Ви посакам успешна работа, раководење и спроведување на задачите кои Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“ си ги има поставено пред себе, се со цел тој да биде рецентна и препознатлива институција во европскиот простор на високото образование. 

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.