Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


09.09.2008

ОБРАЌАЊЕ на претседателот на Собранието по повод прославата на 8ми септември, Денот на независноста на Република Македонија

Осми септември 1991 година, заедно со двата Илиндена, претставуваат три датуми во историјата на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија кои се тесно поврзани со вековните стремежи, борби и сонувања за самостојна држава.

Ако првиот Илинден во 1903 година ги навести тие државотворни стремежи и определби, ако на вториот Илинден во 1944 година беа поставени темелите на таа државотворност,  на 8 септември 1991 година, овие стремежи и сонувања се заокружија со прогласувањето на резултатите од Референдумот кога над 95 насто од граѓаните се определија за самостојна и суверена Република Македонија. Денеска, кога ја одбележуваме седумнаесетгодишнината можеме со задоволство, па и гордост, да кажеме дека Република Македонија е суверен и самостоен меѓународен субјект, член на сите меѓународни организации.

Направени се коренити реформи во сите сфери. Повторно е вратена приватната сопственост и пазарната економија,  воведен е правен поредок кој се темели врз човековите права и слободи и принципите на политичкиот плурализам како основа на демократијата и е создадено солидно цивилно општество кое се темели врз граѓанинот и неговиот интерес. А токму во овој Собраниски дом е донесен  Уставот на Република Македонија како највисок правен акт кој ја одредува државотворноста и врз кој се темели целокупната легислатива за  што, во оваа пригода им изразувам посебна благодарност на пратениците од првиот парламентарен состав.

 
Почитувани пријатели,

Човечки е да се сонува и да се има стремежи и определби. Ако во минатиот век тоа беше државотворност и самостојност,  во 21-от век нашите стремежи, определби и сонувања се кон некои политички, историски и културни вредности на кои во суштина сегогаш сме им припаѓале, а тоа е  Европа, односно членство во Европската унија и НАТО. 

На тој пат неодамна бевме најгрубо запрени иако ги исполнивме сите критериуми за членство во НАТО. а единствената причината за ова беше нашето име Македонија, нашиот идентитет како Македонци. Ништо ново во нашата историја, но сакам да потсетам дека секогаш сме знаеле да го одбраниме нашиот идентитет и секогаш од ваквите борби сме излегувале посилни.

Затоа верувам дека и овој пат сите заедно ќе го одбраниме нашето име и нашиот национален и културен идентитет, а ќе ги оствариме и нашите определби за полноправно членство  во Европската унија и НАТО. Не треба да потсетувам на големата поддршка од граѓаните на Република Македонија за остварување на овие цели. Не треба да потсетувам дека за ова имаме политчки консензус. Не треба да потсетувам дека токму овде во Собранието на Република Македонија се донесени неколку декларации и резолуции токму за нашето членство во Европската унија и НАТО. 

Но дозволете ми да потсетам на одговорноста на секој од нас како граѓанин, а посебно на одговорноста на сите нас, кои од граѓаните добивме мандат и политички легитимитет да ја водиме државата и да ги оствариме овие стремежи и определби.


Почитувани пријатели,

Дозволете ми на крајот на сите вас и на граѓаните на Република Македонија да им го честитам 8-ми септември, верувајќи дека и понатаму ќе продолжиме да сонуваме, но и дека силно и ефикасно ќе работиме за европска Македонија.

 
Неки ни е честит и вечен Осми септември.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.