Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


18.11.2008

ГОВОР На претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, по повод 18 ноември, денот на раѓањето на Крсте Петков Мисирков

Во историјата на македонскиот народ, во неговата вековна борба за слобода, за своја држава и за зачувување на својот национален и културен идентитет имаме цела плејада на великани кои со своето дејствување, ги создале темелите на македонската државотворност, и кои засекогаш ќе останат во она што се именува како колективна, но и индивидуална свест за својот, македонски, национален идентитет.

Меѓу тие великани секако посебно место има Крсте Петков Мисирков кој е роден на денешен ден во 1874 година.

Крсте Петков Мисирков целиот свој литературен и научен опус го посветува токму на остварувањето на вековните идеали на македонскиот народ, а тоа се самостојна и суверена држава и зачувување на македонскиот национален и културен идентитет пред агресивните напади кои доаѓаат од соседството. Имајќи предвид дека живее и твори во еден од најтурбулентните периоди како на Балканот, така и во европската и светска историја, тоа е периодот пред и по Првата светска војна, тој  не само што јасно и критички ги идентификува неправдите врз македонскиот народ, туку многу аргументирано ги поставува оние постулати врз кои се темели националниот и културен идентитет на секој народ. А токму тој национален и културен идентитет Мисирков го смета како најјако и непобедливо оружје на македонскиот народ во неговата борба за слобода и за остварување на неговите права да живее рамноправно со другите како што вели тој "културни народи". 

Во далечната 1925 година, во списанието "Илинден", Мисирков пишува цитирам: "Бугарите нека си се занесуваат со крајните политички и економски теории. Србите нека си мислат дека Господ при создавањето на светот зборувал српски, Грците нека си се сметаат за директни потомци на Хомер Одисеј и  Аристотел.

Ние треба со големо напрегање зачувувајќи си ја полната слобода на научната мисла да го проучиме минатото и сегашноста на сите овие народи и да го определиме своето место меѓу нив и да си ја зачуваме својата етничко историска индивидуалност" (завршен цитат).

Овие размислувања на Мисирков, почитувани пријатели,  мислам дека и денес се актуелни и претставуваат предизвик за сите нас. Имено од една страна Мисирков јасно зборува дека е против каква било ексклузивност, а во исто време се зазема  за инклузивност во историјата на балканските народи, почитувајќи го етничкиот и националниот идентитет на сите. А токму сега ни се случува, само заради нашиот национален и културен идентитет да ни се препречува патот во евроатлантските интеграции и тоа од страна на нашиот јужен сосед.

Дами господа

Токму затоа мислам дека треба постојано да се навраќаме на делото на Крсте Петров Мисирков. Јас и денешнава манифестација, која ја правиме заедно со Фондацијата „Рамковски“, ја сметам не само како одбележување на денот на раѓањето на овој македонски великан, туку и како јасна порака до сите оние кои сега се обидуваат да го негираат нашиот национален и културен идентитет дека во тоа нема да успеат.  Бидејќи денеска кај сите нас, во нашето историски и национално паметење, е врежана мислата на Мисирков дека "Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек".

 

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.