Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


25.12.2008 год.

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски по повод 100-годишнината на синдикалното движење во Македонија

Денови ли си денови
аргатски маки големи
Стани си утре порано
Дојди си вечер подоцна
наутро радост понеси
навечер тага донеси...

Дами и господа, почитувани пријатели,

Верувам деке сите ги препознавте стиховите на големиот македонски поет Коста Солев Рацин, деновиве одбележавме 100 години од неговото раѓање, кое случајно, или не, се совпаѓа со вашиот јубилеј 100 години на синдикалното движење во Македонија. Рацин го спомнав не само за ова, туку затоа што во своето творештво многу добро ја опишал положбата на македонскиот работник. А токму синдикатите во својата историја па до денес се онаа вистинска работничка организација преку која се артикулираат и штитат работничките права, или како што денес велиме правата на вработените.

Почитувани пријатели,

Денес во 21 век секако работите многу се изменија во однос на она што било пред 100 години. Република Македонија е самостојна и суверена држава, која секојдневно се среќава со предизвиците кои ги носи брзиот развој и светските трендови. Верувам  ќе се согласите дека синдикатот како организација денес не е ист како оној пред 100 години. Но има една константа, а тоа е дека синдикатот секогаш е онаа организација која ги штити основните социјални и економски права на вработените, кои денес се дел и од општите човекови права.

Колку таа заштита ќе биде ефикасна секако зависи од  државата, но најмногу од моќта на синдикалната организација.

Во Република Македонија, ако погледнеме преку законската регулатива, мислам дека имаме современо законодавство кое е во интерес на вработените и на остварувањето на нивните социјални и економски права. Во исто време сакам да ве уверам дека како претседател на Собранието поаѓајќи од моите уставни и деловнички надлежности, секогаш сум подготвен за ова да разговарам со вас и за ваши предлози кои би биле во таа насока. Денес, кога во Македонија имаме и синдикален плурализам што е тенденција и реалност во сите европски држави, синдикатите с? повеќе се потврдуваат не како антагонистички субјект на власта или на работодавачите, туку како вистински социоекономски партнер во оној триаголник, влада - работодавачи - синдикат.

Мислам дека тоа е единствениот начин за ефикасна синдикална организираност која ќе биде како во корист на вработените, така и во добробит на целото општество. Ова е уште поважно ако се има предвид дека се соочуваме со глобалната економска криза, која ќе донесе и многу предизвици, па ако сакате и проблеми за сите нас. Токму затоа мислам, пред с? преку вистинско и рамноправно партнерство ќе можеме многу полесно ова да го решаваме.

Дозволете на крајот уште еднаш да ви го честитам јубилејот, а во исто време на сите вас, на вашето членство да им ги честитам престојните новогодишни и Божикни празници и да ви посакам здравје и лична среќа.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.