Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


21.06.2008

ГОВОР на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на конститутивната седница на 6-тиот парламентарен состав

Почитувани претставници на државниот врв, почитувани претставници на средствата за јавно информирање, ваши екселенции, драги колеги пратеници, дами и господа.

Во историјата на народите и државите секогаш имало мигови на слава и напредок, кои на долг рок ја одредувале судбината на заедницата, која силно верувала во идеите на колективниот прогрес, реформите и преродбата кон подобро.

Република Македонија во изминатите две десетолетија имаше мигови кои ги полнеа срцата на граѓаните, но и помалку среќни моменти. И во едниот и во другиот случај почетокот и крајот на се беше иднината на нашата татковина. Во радоста ја наоѓавме силата како да чекориме уште похрабро кон успехот, а во тагата пак ја црпевме енергијата од која требаше да се вообличи нашата македонска гордост. Заеднички ја градевме историјата и иднината, верувавме во себе и својот народ, веруваме во Македонија. Низ сите искушенија, низ сите предизвици со кои се соочуваше нашата држава во овие две децении дојдовме до оваа фаза на демократијата, до шестиот состав на парламентот, обезбеден преку предвремени избори. Дојдовме до моментот кога се очекува многу.

Ви благодарам на сите за довербата која ми ја искажавте денес, со која ми укажавте голема чест, но и ми доверивте многу тешка задача. Денес седнувам овде како прв меѓу еднаквите, со надеж дека Собранието ќе успееме да го направиме институција каква што заслужува да биде. Институција за почит, ефикасна и ефективна, која работи во корист на граѓаните. Институција за почит која сите граѓани ќе ја доживуваат како своја и блиска дури, која целата своја енергија ќе ја троши во изнаоѓање на најдобри законски решенија за проблемите со кои се соочуваат нашите граѓани, а не во бесцелни, понекогаш апсурдни дискусии, кои немаат вистински бенефит за граѓаните на нашата држава.

Јас знам дека сите ние заедно ќе го направиме македонското Собрание вистински храм на македонската демократија. Ќе биде извор на квалитетни дискусии и носител на голем број закони, кои ќе треба да го подобрат животот на граѓаните на Република Македонија.

Ова Собрание нема само како сенка да ја следи работата на Владата и да ги корегира, дополнува или редефенира нејзините проекти во квалитативна смисла, туку и ќе продуцира и создава. Ова Собрание ќе биде наша гордост и јас со сиот мој авторитет ќе се борам заедно со сите вас да успееме во таа намера. Ние сме тука за граѓаните на Република Македонија, во нивна функција и ќе работиме за нив.

Овој дом ќе покаже дека да се биде пратеник не е привилегија, туку одговорност. Да се биде пратеник не е функција, туку обврска. И кога за 4 години од сега ќе застанеме и ќе погледнеме наназад, ќе видиме години полни со работа, со труд, со волја и посветеност. Години во кои сме ја граделе иднината на Република Македонија, години посветени на приоритетите на нашите граѓани. Години посветени на реформи, на ЕУ и НАТО интеграцијата. Години посветени на подобар живот, години посветени на Македонија.

Јас со моето работење ќе се трудам да направам баланс помеѓу политичките сили. Ќе бидам на станата на правото и правдата, на страната на Деловникот и Уставот, на страната на интересите на Република Македонија. Квалитетната работа на Собранието ќе биде моја обврска. Еднаквиот третман на пратениците ќе биде моја заложба, интересите на Република Македонија ќе бидат моја цел.

Она што јас можам да ви го ветам е тешка и напорна работа, со цел да одговориме на историскиот предизвик и на периодот во кој се наоѓа земјава. Убеден сум дека сите ќе го следите тој напор.

На крајот дозволете ми да се заблагодарам на досегашниот претседател Љубиша Георгиевски за енергијата и посветеноста со која ја вршеше функцијата претседател на Собранието.

Дозволете ми да ја искажам мојата увереност дека личниот печат кој го остави овде, без разлика на сите обиди за дискредитација, ќе биде добро запаметен и уважуван.

Ви благодарам.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.