Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


15.09.2008

Обраќање на Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски на трибината посветена на Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија донесена во септември 1997 година

Почитувани колеги пратеници, екселенции, дами и господа,

Демократијата е универзално прифатен идеал и цел, кој се базира на заеднички вредности меѓу луѓето ширум светската заедница без оглед на културните, политичките, социјалните и економските разлики. Според ова, таа е основно човеково право применливо во услови на слобода, еднаквост, транспарентност и одговорност, со должна почит кон мноштвото гледишта и во интерес на државното уредување.

Демократијата истовремено е идеал, кој треба да се постигне и модел на владеење, кој треба да се примени во согласност со модалитетите кои ја одразуваат разновидноста на искуствата и културните особености без да се омаловажат меѓународно признатите принципи, норми и стандарди. Оттука, таа е постојано унапредувана и усовршувана состојба или услов чиј напредок ќе зависи од различни политички, социјални, економски и културни фактори.

Почитувани, ова се првите два члена од "Универзалната декларација за демократија" која Интерпарламентарната унија ја усвои во 1997 година. Документ чии принципи денеска претставуваат основа врз која треба да се гради секоја држава која сака себе си да се именува демократска, односно да се вбројува во демократските држави. За жал, сведоци сме дека овие принципи сe уште или не се применуваат, или се кршат во многу држави во светот, погледнете ги извештаите на Фридом хаус.

Токму одбележувањето на овој ден кај нас, но и ширум светот е во функција на остварувањето на демократијата како универзална и неделива категорија.

Денеска принципите од оваа декларација претставуваат и основа на меѓународните односи, членовите 24, 25, 26 и 27 од декларацијата. За жал, овие принципи, исто така многу често се кршат во меѓународните односи. Зарем Македонија би го имала наметнатиот спор со името ако се почитуваат овие принципи.

Дами и господа,

Во Република Македонија со првите повеќе партиски парламентарни избори и со донесувањето на Уставот се воспоставени основите и нормативните рамки за воспоставување и функционирање на демократијата. Ако се споредиме со парламентарните демократии во Велика Британија или Франција ние сe уште не сме го достигнале ниту полнолетството. Ова не го спомнувам за да барам некакво "оправдување" туку, пред сe, сакам да истакнам дека демократијата е процес кој постојано се развива и  се доградува. Сепак, во овие наши 17 години на независност успеавме да ги воспоставиме сите оние основни принципи и норми кои нe карактеризираат како демократска држава.

Дозволете да потсетам дека ако ви се признае дека ги исполнувате сите услови за членство во НАТО, ако сте држава кандидат за полноправно членство во Европската унија, тогаш е јасно дека Република Македонија е демократска држава.

Притоа сите ќе се сложите дека парламентот односно законодавната власт  е онаа институција каде што најдобро се артикулираат различните интереси, но и се почитуваат принципите на демократијата.

Во изминативе 17 години сите парламентарни состави  дадоа свој придонес во развојот, но и во остварувањето на демократијата. Денеска на пример можеме со задоволство да истакнеме дека Собранието има воспоставено плодна и широка соработка со невладиниот сектор. Така и оваа манифестација ја организиравме заедно со невладината организација МОСТ. Понатаму сакам да истакнам дека со донесувањето на новиот Деловник, кој патем го направивме врз основа на твининг програмата со нашите словенечки колеги, како и заклучоците од Вилтон парк не само што се јакне самостојноста на законодавната власт ви за ви извршната, туку се отвора можност за уште поголема соработка и вклученост на невладиниот сектор во процесот на донесување на законите. Сакам да истакнам дека со помош на Националниот институт за демократија ширум целата држава отворивме канцеларии и ги опремивме, а кои се наменети за средби на граѓаните со пратениците со што се отвара можност во Собранието многу полесно и поефикасно да се артикулираат интересите и проблемите на граѓаните. Тука сакам да го споменам и Националниот совет за евроинтеграции, собраниско тело во кое членуваат исто така претставници на невладиниот сектор, но и на други институции и кое преку своето работење дава придонес во развојот на демократијата.

Транспарентноста е еден од принципите на демократијата. Мислам дека и тука ги имаме воспоставено европските стандарди. Преку Собранискиот канал граѓаните можат да ги следат пленарните седници, но и другите настани во Собранието. Преку нашата веб-страница, исто така, на сите граѓани им се достапни сите документи, стенограми и ред други информации за работата на Парламентот.

Дами и господа,

Демократијата е процес во кој одговорноста е исто толку значајна колку и правата. Затоа кога зборуваме за степенот на демократијата сите мораме да се прашаме и за нашата одговорност во остварувањето на демократските принципи. Често пати кај нас знаеме да бидеме критични до другиот, понекогаш со аргументи, но често пати и без, а притоа да немаме ниту малку критичност за самите себе си. Или да ја парафразирам онаа позната мисла на Кенеди кога критикуваме дека нема демократија или дека се кршат демократските принципи да се прашаме што ние како поединци, или ако сакате како пратеници, или како политички партии, сме направиле за демократијата и за почитување на демократските принципи. Верувам дека и оваа трибина, како и целокупните денешни манифестации ќе дадат свој придонес во остварувањето на таа одговороност без која нема демократија.

Ви благодарам

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.