Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


4.10.2008

Годишен Архиепископски црковен-народен собор на МПЦ

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски Господин господин Стефан,
Почитувани архиереи на Македонската Православна Црква,
Почитувани свештеници,
Дами и господа,

За Македонија како земја христијанска пишува и во Библијата. Овде на нашиве простори минувал и проповедал и свети Павле. Од овие простори се и светите браќа рамноапостолите Кирил и Методиј кои ја донесоа писменоста на многу словенски народи, а со тоа и божјата реч стана достапна и разбирлива.

Токму затоа и една од најстарите Архиепископии на овие простори е и Охридската, водена од Свети Климент, која подоцна е укината со декрет на султанот.

Меѓутоа, Црквата и верата не се укинуваат со декрет. Тие се дел од битот на народот, кој живее со нив наспроти сите притисоци, неволји и искушенија. Во таа смисла, зарем во таа бурна и крвава историја македонскиот народ ќе можеше да опстане без верата во Бога, но и без оние знаени и незнаени свештеници и архиереи, кои имаа храбост да кажат дека му се молат на Бога на македонскиот јазик, како што впрочем, сите народи им се молат на своите богови на своите јазици.

Токму затоа пред 50 години на Вториот Архиепископски Црковен-Народен Собор е донесена одлука за возобновување на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква - одлука која беше во целост поздравена и прифатена од народот, кој преку своето “амин” е почетокот и крајот на се'. 

Почитувани,

Во овие 50 години се покажа дека возобнувањето на Македонската Православна Црква беше вистинска канонски  заснована одлука, која произлегува од длабоките христијански потреби на православниот македонски народ.

За жал сведоци сме дека по осамостојувањето на Република Македонија притисоците врз Македонската Православна Црква и воопшто врз македонскиот народ и неговиот идентитет продолжуваат и тоа на најгруб начин.

Она што посебно во оваа пригода сакам да го истакнам е фактот дека Македонската Православна Црква со своето духовно и пасторално дејствување го зачува но и го развива македонскиот национален и културен идентитет кај македонците ширум светот. Во Америка, Канада, Австралија, Западна Европа овие традиционално печалбарски дестинации на македонскиот народ и денеска кај најмладите генерации македонскиот национален и културен идентитет е мошне присутен благодарејќи пред се на Македонската Православна Црква и нејзиното присуство таму меѓу нашите иселеници.

Во моментов како што сите знаете водиме битка на дипломатско поле токму за зачувување на нашиот идентитет. Канонското право и  пред 50 години но и денеска, е на страна на Македонската Православна Црква. Принципите на меѓународното право исто така се на наша страна кога станува збор за нашето име. Тогаш верувам дека заедно  како држава и како црква ќе истраеме во нашата заедничка определба. Да го зачуваме нашиот национален идентитет, да ја зачуваме нашата држава Република Македонија и да ја зачуваме нашата Македонска Православна Црква.  

Историјата не' учи дека и како народ и како црква секогаш сме преживеале и секогаш сме излегле поцврсти. Во истовреме секогаш сме знаеле христијански да простиме, христијански да го сакаме својот ближен без разлика на вера или национална припадност. 

Почитувани,

Денеска кога одбележуваме 50 години од возобнувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, верувам дека сите ние ќе знаеме правилно да го вреднуваме своето национално битие.

Верувам дека и во иднина свештениците и архиереите со својата духовна и пастирска задача, која успешно ја извршуваат ќе продолжат духовно да го укрепуваат македонскиот народ и другите граѓани на нашата Татковина низ времињата кои следат.

На самиот крај, Ваше блаженство, почитувани архиереи, свештеници и монаси на Светата Македонска православна црква, дозволете уште еднаш да ви го честитам овој значаен јубилеј и да ви посакам добро здравје и цврста вера во функција на реализација на целите на патот по кој гордо чекорите.

Ви Благодарам.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.